Филипче: Засега рестрикции нема, може да има наесен

Фото: Принтскрин

Засега не се размислува за воведување на рестриктивни мерки, а не се во план рестрикции ниту на границите, ниту во државата, во рамки на организирање на настани со масовно присуство. Рестрикции евентуално би можело да има наесен, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

– Ако невакцинираните станат опасност за останатата популација, тогаш ќе следуваат мерки. Размислуваме дали е потребно нешто да се направи во есенските месеци, почнувајќи до септември. Ги пратиме искуствата во другите земји. Секаде во светот има дебата што и како треба да се прави. Размислувањата одат во правец на тоа дали треба рестрикција во однос на граѓаните што не се вакцинирани, некои земји воведуват брзи тестови за влез во маркети, места за културни настани итн. Размислуваме, сè уште не сме донеле одлука, меѓутоа, ако процениме дека ризикот од невакцинираните кон популацијата, вклучувајќи ги и вакцинираните е доволно голем, ќе воведеме рестриктивни мерки – рече тој.

Процентот на граѓани кои се заразиле и покрај примени две дози на вакцина е многу мал, информираше министерот.

– Од околу 330.000 ревакцинирани граѓани, 92 заболеле од ковид-19. Тоа значи дека процентот на заболени лица кои се ревакцинирани е навистина многу мал, некаде околу 0,02 проценти што е уште еден доказ за тоа колку е корисна вакцината и апелирам повторно сите граѓани да се свесни дека тоа е единствениот начин да се смени сликата зa пандемијата – рече Филипче.

Најмалку со една доза се вакцинирани 500.000 лица и се очекува до крајот на август сите тие да примат и втора доза.