Фото: Влада на РСМ

Министерот за здравство, Венко Филипче денеска соопшти дека директорот на болницата во Струга, Мухамед Асани ќе биде разрешен поради случајот со родилката Јалдз Веапоска, на која по породувањето и беа извадени три органи.

„Донесена е одлука да се разреши директорот на струшката болница и во текот на денешниот или на утрешниот ден ќе биде назначен нов директор. Во тек се сите други постапки во однос на активностите и на другите институции кои беа вклучени во овој случај“, изјави Филипче.

Тој потсети министерството вчера донесе решение за формирање петчлена Комисија за вршење на надзор на стручната работа на ЈЗУ Општа болница Струга, а во врска со дијагностиката и лекарскиот третман на пациентката. За извршениот надзор Комисијата во рок од 8 дена од денот на завршување на надзорот над стручната работа треба да достави извештај до Министерството за здравство.

Во оваа комисија се директорите на клиниките за Урологија, Гинекологија, КАРИЛ и директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ).

Претходно Платформата за родова еднаквост побара детална истрага и одговорност за случајот со родилката, бидејќи како што велат, сведоштвото на Веапоска укажува на негрижа и непостапување на државата и здравствените институции при груба повреда на човековите права и кршење на законите во државата. Тие потенцираат дека не станува збор за изолиран случај, туку системски проблем кој се провлекува со години.