Фестивалот „Ohrid Calling“ годинава ќе се одржи со ограничени капацитети

Ohrid Calling 2021
фото: Инстаграм /@ohrid_calling

„Ohrid Calling“ годинава ќе се одржи како дводневен фестивал на 1 и 2 август под слоганот „Take your pleasure seriously“, соопштија од „Авалон продукција“ – организаторите на фестивалот.

Од таму велат дека Охрид, Македонија и целиот регион ќе добијат сериозни артисти и забава прилагодена на околностите. Годинава фестивалот ќе се одржи со ограничени капацитети, а организаторите очекуваат најмногу до 5 илјади посетители.

Сè уште не е позната точната локацијата каде ќе се случи петтото издание на „Ohrid Calling“, но веројатна е една од двете локации каде фестивалот и досега се одржуваше – касарната Охрид или стадионот „Билјанини извори“. Организатрите не ја исклучуваат можноста изборот за одржување на фестивалот годинава да падне и на сосема нова локација.

Сите информации за артистите, капацитетот, локацијата и билетите ќе бидат соопштени на крајот на месецов.

Минатата година „Авалон продукција“ одлучи фестивалот воопшто да не се одржи, поради масовноста на публиката и неговиот концепт, и покрај тоа што Комисијата за заразни болести минатото лето дозволи да се одржуваат јавни настани со 50 отсто намалени капацитети.

Тогаш оранизаторите најавија дека планираните гости предвидени за минатото издание ќе бидат дел од програмата и годинава. Помеѓу артистите кои требаше да настапат на „Ohrid Calling 2020“ беа Dimitri Vegas & Like Mike, Lost Frequencies, Blasterjaxx, Will Sparks и други.

Фестивалот „Ohrid Calling” се одржува со подршка на Општина Охрид, како настан кој треба да придонесе за збогатување на забавната понуда на градот во летната туристичка сезона