fbpx

Фемицидите се производ на молкот на општеството и недовербата во институциите

-

Фемицидот на 46-годишната жена од Неготино ја дополнува поразителната статистика според која повеќе од 80% од жртвите во земјава претходно не пријавиле насилство во надлежните институции, реагираа од Платформата за родова еднаквост.

Од таму додаваат дека непријавувањето на насилството и несоодветното постапување на институциите во случаи со семејно и родово базирано насилство директно ја зголемуваат веројатноста насилството да кулминира со убиство.

„Фемицидот, како една од најчестите причини за прерана смрт кај жените на глобално ниво, во најголем број случаи е предизвикан од страна на лице со кое жртвата е или била во партнерски однос, како и во случајот на неготинчанката, која почина откако нејзиниот партнер брутално ја претепал“, истакнаа од Платформата и додадоа дека високиот степен на недоверба во постапувањето на надлежните институции, вклучително и полицијата, центрите за социјална работа и правосудството, значително влијае граѓаните да бидат демотивирани да го пријават насилството.

Исто така, според податоците на Платформата за родова еднаквост, на пошироката слика се надоврзува и ниската свест кај граѓаните дека секој има обврска да пријави насилство, а притоа доминантниот став е дека пријавување насилство од позиција на трето лице претставува мешање во туѓиот живот.

„И покрај тоа што новиот Закон за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство беше донесен пред повеќе од една година, сè уште не се усвоени сите подзаконски акти и оперативни процедури неопходни за негова успешна имплементација. Фемицидот сѐ уште не е препознаен како посебно кривично дело во нашиот Кривичен законик, како потежок облик на убиство кога е сторено при вршење на семејно насилство. Сепак, најголем проблем не е легислативата, која последниве години се усогласува со меѓународните стандарди, туку нејзината несоодветна имплементација од страна на надлежните институции“, наведоа од Платформата.

Според оваа платформа на организации на граѓанското општество кои работат на полето на родовата еднаквост, секоја трагична смрт на жена само зашто е жена нѐ остава со горчливото сознание дека сите напори на граѓанскиот сектор за справување со овој проблем (подигнување на свеста, поддршка за жртвите на насилство и застапување за системски промени) се едноставно недоволни ако не се придружени со поширока институционална и општествена акција. Семејното и родово базираното насилство не е приватна работа.

„Очекуваме дека институциите соодветно ќе ја завршат својата работа во однос на понатамошното постапување по случајот, меѓутоа она на што укажува овој и бројни други случаи е потребата институциите да започнат да работат и во рамки на својата превентивна улога за заштита од родово базирано насилство, со цел овие случаи да немаат вакви фатални завршници“, истакнаа од Платформата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Украина не мобилизира лица со Даунов синдром

Лицата со хромозомски пореметувања со значителни дисфункции, вклучително и лицата со Даунов синдром, не можат да служат војска, според Правилникот за воено-медицински преглед во вооружените сили на Украина. Украинскиот...