„Струшките вечери на поезијата“ годинава ќе се одржат под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“

Струшки вечери на поезијата. Фото: Фестивал СВП

Под мотото „Ритам на стихот, ритам на животот“ со повеќе од 25 странски и домашни поети и оваа година поетскиот фестивал „Струшки вечери на поезијата“ (СВП) од 25 до 29 август ќе се одржува на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

Претпладневната програма со препознатливите програмски содржини, како што се вели во соопштението, е предвидена да се одвива во Конгресната сала на хотел „Дрим“, а вечерната програма на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.

Во склоп на програмата, годинава ќе има и меморијално чествување на доајенот на македонската поезија, Радован Павловски, кој нѐ напушти на почетокот на оваа година.

„Во рамки на годинешната програма ќе биде промовирана Антологијата поезија и музика, тематски избор на песни од истакнати домашни и странски поети чијашто тема е музиката, ќе има вечер на хрватска женска поезија и промоција на специјалниот тематски број на „Книжевно житие“, поетски портрет на Шунтаро Таникава, поетски омаж на лауреатот на СВП во 2020 година, Амир Ор, портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ и „Браќа Миладиновци“ за 2022 година, како и повеќе поетски читања на домашни и странски поети“, се вели во описот за програмата на претстојниот поетски фестивал.

Понатаму, програмата предвидува и организирање на специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата „ВЕРСОПОЛИС“, а годинешниот специјален гостин ќе биде лауреатот на СВП во 2020 година, израелскиот поет Амир Ор.

Од фестивалот информираат дека истакнатиот јапонски поет и годинешниот лауреат на фестивалот, Шунтаро Таникава нема да може да присуствува поради својата поодмината возраст (91 година) и поради здравствени ризици. Но, во негово име и чест, „Златниот венец“ ќе го прими неговиот син, Кенсаку Таникава, истакнат јапонски композитор и пијанист.

Кенсаку Таникава во рамки на портретот на лауреатот во „Св. Софија“ во Охрид, ќе има специјален музички настап инспириран од стиховите на неговиот татко.

„Свеченото отворање на фестивалот ќе се одржи на вообичаената локација, платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ каде што ќе биде запален и фестивалскиот оган, а свеченото затворање ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата“, се вели во соопштението.

Како и претходните години, програмата на фестивалот и сега целосно ќе се пренесува во живо на официјалниот јутјуб-канал на СВП, така што ќе биде овозможено целосно следење од страна на поширокиот аудиториум.

Напишете коментар