fbpx

Фактоје: Реконструкцијата на училиштето во Пустец сè уште не е започната

-

За време на заедничката официјална посета на Пустец, општина населена од македонско малцинство во Албанија, министерката за образование Евис Куши вети дека ќе обезбеди услови за учење јазик и вклучување во бесплатната шема за учебници. Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев гарантираше донација од 30.000 евра од претприемачи на РСМ, за реконструкција на надворешниот дел на училиштето, пишува албанскиот сервис за проверка на фактите Faktoje.al.

Од проверката извршена од „Фактоје“ произлегува дека работите за реконструкција сè уште не се започнати, додека бесплатните наставни планови и програми се реалност од 2014 година, пишува „Фактоје.ал“, пренесува „Порталб.мк“.

На 18 декември, министерката за образование на Албанија, Евис Куши, заедно со премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев и министерката за образование и наука, Мила Царовска, го посетија училиштето и презедоа некои обврски за време на нивната посета на заедничкото средно училиште во Пустец, кое има капацитет од 114 ученици.

Министерката Куши за време на состанокот рече:

„Како на албански така и на нивниот мајчин јазик, ги подобривме наставните програми засновани на компетенции за учениците од националните малцинства, а ги вклучивме и во шемата за поддршка за бесплатни учебници до деветто одделение.“

Пост од министерката Евис Куши, 18 декември 2020 година; Фото: Фактоје.ал

За време на оваа посета, премиерот на Северна Македонија Заев рече дека состанокот е одржан за успешно градење на пријателски односи меѓу Република Северна Македонија и Република Албанија, кои продолжуваат да се зајакнуваат со реализација на проекти од заеднички интерес.

Господинот Заев најави донирање фонд кој, според него, е обезбеден од македонски компании, со цел да се реконструира надворешноста на училиштето во Пустец, пишува Faktoje.al

„Денес беа реализирани 15.000 евра од вкупно 30.000 евра, колку што е донацијата. Останатите средства ќе бидат донирани во февруари 2021 година“, рече премиерот Заев.

„Фактоје“, на 7 јануари, упати барање за информации до Министерството за образование на Албанија, прашувајќи за подобрувањето на наставните програми за учениците од малцинските групи и за шемата за бесплатни учебници.

По истекот на роковите предвидени со законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, „Фактоје.ал“ се пожали за недобивање информации од Министерството за образование до Кабинетот на координаторот за право на информирање. Потоа стигнал следниов одговор:

„Законот бр. 69/2012 за системот на основното и средното образование во Република Албанија, со измените и дополнувањата, предвидува дека лицата кои припаѓаат на националните малцинства имаат можност да учат на нивниот мајчин јазик, да научат за нивната историја и култура, според наставните програми. Во образовните институции каде учат ученици од националните малцинства, од 2014 година започна спроведувањето на новата наставна програма заснована врз компетенции. 45 нови наставни планови и програми, вклучително грчки мајчин јазик, македонски мајчин јазик, историја на Грција, историја на Северна Македонија, географија на Грција, географија на Северна Македонија, како и странски јазик за националните малцинства. Беше одобрена одлуката на Советот на министри (ОСМ) бр. 227, од 17.4.2019 година, „За подготовка, печатење, објавување и дистрибуција на учебниците за основно образование за учениците на јавните пред-универзитетски установи каде учат ученици од националните малцинства, врз основа на кој се подготвуваат, печатат, објавуваат и дистрибуираат учебници на мајчин јазик за националните малцинства, врз основа на новата наставна програма за компетенции. Учениците од националните малцинства учебниците ги добиваат бесплатно од државниот буџет“.

„Фактоје“на терен ја проверил оваа изјава на министерката за образование на Албанија. Подолу го пренесуваме изворно нивниот извештај:

Отидовме во заедничкото средно училиште „Митре Колевски и Трајан Ѓоргијовски“, каде се сретнавме со директорот. Тој нè пречека надвор од училиштето, со аргументот дека анти-ковид мерките им забрануваат влез во училиштето. Тој ни објасни за наставната програма и обезбедувањето бесплатни книги, од 2014 година.

„Целото училиште се состои од 114 ученици, службен јазик е албанскиот јазик, документацијата, дневниците и сите службени писма се на албански. Ова училиште е средно и комбинирано или споено, од 1 одделение до 4 одделение сите предмети се на македонски јазик. Од второ одделение на второто полугодие се учат некои основни албански зборови, но не и азбуката. Од 5 одделение до 9 одделение, околу 60 проценти од предметите се изучуваат на македонски јазик, а остатокот е албански (природни науки). Целиот наставен процес се одвива на албански јазик за гимназијата, но како задолжителен избор на странски јазик е македонскиот и англискиот јазик“, рече тој.

Споеното средно училиште „Митре Колевски“ и „Трајан Ѓоргијовски“, 26 јануари 2021, Пустец; Фото: Фактоје.ал

По состанокот со директорот на училиштето, отидовме во општина Пустец, каде прашавме кога ќе започнат работите со инфраструктурната реконструкција на училишниот двор и дворот на градинката во Пустец, како што беше ветено во официјалната посета на 18 декември 2020 година.

Таму се сретнавме со градоначалникот на Пустец, Пали Колефски кој за „Фактоје“ изјави:

„За време на состанокот со премиерот Зоран Заев и министерката за образование на Албанија Евис Куши, бевме информирани за донација од над 26.000 евра од македонски бизниси, собран е дел од износот од 15.000 евра, додека остатокот е во процес. Ќе се уредат просториите надвор од зградата, училишниот двор, спортските објекти и ќе се рехабилитира градинката“.

Општина Пустец, 26 јануари 2021 година; Фото: Фактоје.ал

Работата сè уште не е започната и немаме никаков рок кога ќе започне, се надеваме многу брзо“, потврди градоначалникот на Пустец, Пали Колефски за „Фактоје“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.
Горан Стефановски фото: Општина центар

УКИМ ќе основа Фондација „Горан Стефановски“

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ) соопшти дека денеска донел одлука за основање на Фондација „Горан Стефановски“. Одлуката ја донел Сенатот на УКИМ, во очи роденденот на...