fbpx

Фабрикувано видео: Жан Митрев не препорачува магичен лек за враќање на видот

Јавното обвинителство неодамна покрена обвинителен предлог за слични нелегитимни маркетиншки практики

-

Доктор Жан Митрев не е специјалист за офталмологија, туку кардиохирург и не препорачува никаква состојка за стопроцентно враќање на видот, како што невистинито се претставува во видеото од оваа манипулативна објава. Станува збор за видео кое е изменето (altered content) во делот на синхронизацијата, со цел да се добие лажна претстава дека реномиран лекар препорачува некаков волшебен лек за враќање на видот. Од Клиниката „Жан Митрев“ ни потврдија дека  станува збор за злоупотреба и измама, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која се вели:

Жан Митрев: „Фрлете ги очилата! Со помош на оваа една состојка, можете да си го вратите видот сто проценти!“.

Запишете го рецептот пред да го избришете.

Потоа се споделува краток видеоматеријал со доктор Жан Митрев, кој е прикажан како наводно зборува на бугарски јазик.

Можете да ја вратите јасноста на видот денес, фрлете ги очилата! Со помош на оваа една состојка можете да си го вратите видот сто проценти. Дозволете ни да ви помогнеме да ја вратите јасноста на видот денес. По ден или два по започнувањето на апликацијата видот ќе почне да се подобрува, сликата ќе стане појасна црвенилото и отокот на очите ќе исчезнат, се слуша некој глас на видеото и се прикажува како човекот што зборува да е доктор Жан Митрев.

Но, доктор Жан Митрев не препорачува никаква состојка за стопроцентно враќање на видот, како што невистинито се претставува во видеото од оваа манипулативна објава. Станува збор за видео кое е изменето (altered content) во делот на синхронизацијата, со цел да се добие лажна претстава дека реномиран лекар препорачува некаква состојка за враќање на видот. Во видеото има измонтирано кадри од делови од окото веројатно за да се направи рекламата поверодостојна.

Меѓутоа, доктор Жан Митрев не е специјалист за офталмологија, туку кардиохирург и не препорачува никаква состојка за враќање на видот.

Оригиналното видео коешто е злоупотребено во објавата што ја  рецензираме е објавено првично на 26 март 2020 година, во време кога почна ковид пандемијата, со наслов: „Препораки на доктор Жан Митрев за борба против коронавирус: Чести инхалации и избегнување активности на ладно“. Во видеото доктор Митрев вели дека повеќе медиуми од него побарале мислење за коронавирусот и како тој да се победи. Потоа доктор Митрев го кажува неговото лично мислење и препораки кои вклучуваат изолација (станува збор за видео материјал објавен пред да постојат вакцини против ковид и кога изолацијата беше една од мерките за спречување на ширењето на коронавирусот). Тој своето лично мислење го кажува на  на прашање на новинари кои од него побарале мислење за актуелната состојба со коронавирусот.

Интервјуто кое е споделено под видеото, а преку кое одат нарачките на препаратот, кој наводно ги препорачува Жан Митрев, е целосно фабрикувано. Во него се изнесени медицински тврдења кои Митрев никогаш не ги дал, како на пример, дека аптеките скриле метод за враќање на видот за 97 проценти, дека мајка му и баба му го изгубиле видот, па затоа се инспирирал да почне да пишува дисертација на темата (станува збор за кардиохирург кој нема врска со офталмологија). Во интервјуто се измислува и тоа дека наводно доктор Жан Митрев добил понуда неговиот изум да го продава во Германија, дека не сакал да го продаде зашто не сака да ги богати фармацевтските компании, па тука се наоѓа и „оправданието“ зошто „лекот не се продава во аптеките“. Во интервјуто се злоупотребени и фотографии од Митрев и комплетно се измислени искази кои тој никогаш не ги дал.

Ја контактиравме Клиниката „Жан Митрев“ и оттаму потврдија дека е злоупотреба и измама:

Станува збор за злоупотреба на името и сликата на д-р Жан Митрев. Тој не се бави со такви реклами. Ве молиме да не верувате на вести кои не произлегуваат од официјалните канали за комуникација на Клиничката болница Жан Митрев.
Вистиномер и претходно пишуваше дека д-р Жан Митрев не измислил лек за подобрување на видот.

Во конкретниот случај тогаш, стануваше збор за објави во кои невистинито се тврдеше дека доктор Митрев „измислил лек О капс, го препорачувал и видот се подобрувал од него“.

И тогаш од Клиниката „Жан Митрев“ ни потврдија дека станува збор за злоупотреба и измама.

Станува збор за злоупотреба на името и фотографијата на доктор Жан Митрев. Тој не се бави со такви реклами. Ве молиме да не верувате на вести кои не произлегуваат од официјалните канали за комуникација на Клиничката болница Жан Митрев, рекоа од болницата за „Вистиномер“.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита. Доктор Жан Митрев не препорачува „една состојка“ со која може да си го вратите видот сто проценти.

Јавното обвинителство неодамна покрена обвинителен предлог за слични нелегитимни маркетиншки практики, но очигледно е дека маркетинг трикот со злоупотреба на имињата на лекарите и нивниот интегритет, професионалност, како и довербата што граѓаните ја имаат во нив, е сè уште профитабилен и од него не се откажуваат.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...