Европскиот парламент го поддржа предлогот гасот и нуклеарната енергија да се сметаат за одржливи

Фото: Unsplash

Европскиот парламент одржа средба во Стразбур, Франција на која 328 пратеници гласаа за предлогот од Европската комисија некои инвестиции во гас и нуклеарна енергија да се сметаат за одржливи. Против предлогот гласаа 278 пратеници, пишува Њујорк Тајмс.

Европската комисија го претстави овој предлог со цел инвеститорите да добијат пристап до евтини заеми или државни субвенции. Предлогот е дел од новиот поширок закон на Европската Унија да ги класифицира различните видови на енергетски инвестиции како еколошки прифатливи и поставува детални правила за тоа како да се проценат.

Противниците на одлуката денес протестираа и внатре и надвор од зградата на парламентот.

Политиката позната како „Таксономија“ значи да престане именувањето на различните енергетски проекти како еколошки кога не се. Исто така тоа ќе им даде дополнителен простор на 27-те индустријализирани и богати нации што се обидуваат да ги заменат руските извори на енергија притоа казнувајќи го Кремљ за воената инвазија во Украина.

Ваквата класификација на енергетските проекти останува контроверзна меѓу еколошките друштва. Критичарите на предлогот велат дека ваквиот обид за именување на гасот и нуклеарната енергија како зелени претставува „Зелено перење“ и е контрадикторен на напорите на ЕУ да ги намали емисиите на јаглерод за 55 отсто до 2030 и да постигне неутралност до 2050 година.

Експертите апелираат дека оваа одлука на ЕУ може да излезе и надвор од границите бидејќи може да послужи како глобален репер и да се реплицира и во други делови од светот. Исто така, според нив ова ќе овозможи финансиски стимулации за европските земји и воедно ќе го одложи префрлувањето на обновливи извори на енергија како што се ветерот и соларната енергија.

Европската комисија се изјасни дека знае дека гасот и нуклеарната енергија не се совршено усогласени со еколошките цели, ама дека сепак се сметаа за важна транзиција на Европа од моменталната состојба кон јаглеродно неутрална иднина. Според нив, гасот е гориво со ниска емисија, но само доколку се спореди со јагленот што е голем загадувач.