Европратениците Елмар Брок и Андреј Ковачев, членови на групата на Европска народнa партија, на 15 февруари испратиле протестно писмо до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во врска со нападите од „Стоп операција Сорос“ (СОС), за која иницијатива велат дека е блиска до владата на „поранешната југословенска Република Македонија“.

Брок и Ковачев, пишувајќи како припадници на Унијата на европските федералисти, писмото го почнуваат со напомена дека на Груевски сакаат да му обрнат внимание на инцидент што тој можеби би го сметал за мал, „но кој испраќа вознемирувачка порака за идната европска ориентација на Поранешната југословенска Република Македонија, посебно во круговите на најсилните поддржувачи на евентуалното зачленување на земјата во ЕУ“.

Двајцата европратеници посебно се фокусираат на нападот од СОС врз „Млади европски федералисти“ во Македонија на прес-конференцијата на Никола Србов, Цветин Чилиманов и на Ненад Мирчевски на 3 февруари, кога нападнаа голем број невладини организации и ги обележаа како непријатели на Македонија.

„На наше големо изненадување, една од наведените организации е Млади европски федералисти – Македонија (ЏЕФ)…“, стои во протестното писмо. Ковачев и Брок нагласуваат дека „Млади европски федералисти и нивната организација во Македонија се непартиски плуралистички младински организации што работат за слободна и обединета Европа, раководени од принципите на демократијата и на владеењето на правото, обидувајќи се да се постигнат мир, просперитет, безбедност и правда“.

Двајцата европратеници, посочувајќи дека Чилиманов, Србов и Мирчевски се блиски до македонската влада, реагираат и на изјавите на владини функционери за „десоросоизација“, прашувајќи имплицитно дали ВМРО-ДПМНЕ ја менува ориентацијата во поглед на евроатлантските интеграции.

„Земајќи ги предвид блискоста на водството на СОС со владата на Поранешната југословенска република Македонија и неодамнешните изјави на владини политичари во врска со таканаречената „десоросоизација“ на земјата, ние сме загрижени за активностите на нашите локални групи и загрижени сме дека ваквите инциденти можат да доведат до впечаток дека вредностите што ги поддржуваат Унијата на европските федералисти и Младите европски федералисти не се споделени од владата на ПЈРМ“, се вели во писмото.

Брок и Ковачев потоа велат дека имаат целосна доверба дека Груевски има моќ да ги заузада таквите напади против европските федералисти и го повикуваат да создаде инструменти под негова контрола кои и понатаму би го поддржувале граѓанското општество во земјава, како и заедничките европски вредности и цели.