fbpx

Сатирична објава го претставува Груевски „на лет за Скопје”

Објавата е сатирична провокација, но, од друга страна, ако се погледнат коментарите, се забележува дека некои од корисниците на социјалната мрежа помислиле дека станува збор за точна информација

-

На 20.12.2023 година Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе пресуда за предметот познат во јавноста како плацеви на Водно. Ова е важно во контекст на објавата што ја рецензираме од причина што, со оваа одлука на Врховниот суд, на поранешниот премиер Никола Груевски му е потврдена пресудата од Апелација односно кога тој би се вратил во земјава од Унгарија каде што има азил, би морал да се упати на издржување деветгодишна затворска казна, пишува Вистиномер. 

Текстот го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Лет за Скопје?

Во склоп на објавата има две фотографии на кои се наоѓа поранешниот премиер Никола Груевски во авион, со непознато лице. На првата фотографија има обележано датум 8 мај 2024 година, денот кога во Република Северна Македонија се одржуваа парламентарните избори како и вториот круг од претседателските избори.

Но, на 20.12.2023 година Врховниот суд донесе пресуда за предметот познат во јавноста како плацеви на Водно. Ова е важно во контекст на објавата што ја рецензираме од причина што, со оваа одлука на Врховниот суд, на поранешниот премиер Груевски му е потврдена пресудата од Апелација, односно кога тој би се вратил во земјава од Унгарија, каде што има азил, би морал да се упати на издржување деветгодишна затворска казна.

Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија на седницата одржана на ден 20.12.2023 година одлучуваше по поднесено барање за вонредно преиспитување на правосилна пресуда по предметот КВП-КОК2-16/23 познат во јавноста како Плацеви на Водно. Советот за казниви дела при Врховниот суд на Република Северна Македонија донесе Пресуда со која барањето на осудениот Н.Г. за вонредно преиспитување на правосилната пресуда на Основниот кривичен суд Скопје КОК бр.63/21 од 21.04.2022 година и пресудата на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр.127-22 од 14.02.2023 година, го одби како неосновано, информираше Врховниот суд преку јавно соопштение.

Со тоа Груевски има потврдена правосилна пресуда од 9 години затвор, покрај двете други што му се веќе пресудени: „Тенк“, каде што е осуден на две години затвор за набавката на „мерцедесот“ и „Насилство во Центар“, за која доби 1,5 година затвор.

Во предметот, шестмина беа обвинети за перење пари и противправно стекнување и прикривање имот за купопродажба на атрактивните парцели на Водно. Со оваа одлука се исцрпени сите правни механизми пред домашните судови и останува простор само за тужба пред судот во Стразбур.

Дополнително, на 9 мај 2024 година, еден ден после одржаните избори и победата на ВМРО ДПМНЕ како победата на претседателскиот кандидат, професор Гордана Сиљановска Давкова, самиот Груевски на својата официјална страница на Фејсбук се обрати со честитки и никаде не навести дека се враќа во земјата, ниту пак, дека бил во тука ден претходно.

На крајот на минатата година во јавноста се прошири тоа дека имало обиди да се изврши притисок врз Врховниот суд со цел да се овозможи Груевски да се врати во земјава, но тие не се потврдија.

Освен тоа, доколку навистина Груевски се појавеше во Скопје на денот на изборите на комерцијален лет полн со патници, како оној кој што е презентиран на фотографијата од објавата што ја рецензираме, тоа не би можело да помине без медиумско покривање од највисок степен. Но, Груевски е во Унгарија каде доби азил, а доколку се врати во земјава тогаш би морал да се упати на издржување на казна затвор.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како сатира. Сметаме дека таа претставува сатирична провокација, но, од друга страна, ако се погледнат коментарите, се забележува дека некои од корисниците на социјалната мрежа помислиле дека станува збор за точна информација и токму затоа се одлучивме за оваа оценка. Таа се доделува кога некоја содржина има капацитет да биде сфатена сериозно, како да станува збор за вистинска случка, иако станува збор за сатира.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Очајна екипираност – во просек еден обвинител има по 180 нови предмети годишно

Во просек, на годишно ниво секој јавен обвинител од основно обвинителство работел на по околу 180 нови предмети, покажува Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2023 година...