Ердоган не ставил услов за екстрадиција на Палевски

Екстрадицискиот притвор кој му е одреден, воопшто не е условен со испорака на ѓуленистите од Македонија и тоа не е барање коешто било упатено од страна на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган до македонските власти, пишува Вистиномер

Министерот Оливер Спасовски вели оти е лага дека поради Самитот на ОБСЕ полицијата не обрнувала внимание на случајот со Вања Ѓорчевска | Фото: МВР

Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, не постои услов поставен од претседателот на Турција Реџеп Таип Ердоган за испорака на припадници на ФЕТО во замена за екстрадицијата на Љупчо Палевски Палчо, првоосомничен за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Претседателот Стево Пендаровски го демантираше ова и рече дека најголемиот дел од нив не се во земјава, но и дека не бил поставен услов за екстрадицијата на Палевски. Македонија и Турција имаат меѓународни договори според кои се одвиваат екстрадициите, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:

Ердоган ги условува овие абдаливе со екстрадиција на Палевски доколку ги предадат гуленистите! Се друго е лага!

Објавата се однесува на Љупчо Палевски Палчо, првоосомничен за убиствата на четиринаесетгодишната Вања Ѓорчевска и седумдесет и четиригодишниот Панче Жежовски. Според изјавите на истражните органи во земјава, односно според она што го соопшти МВР, Палевски после убиствата за кои е осомничен, се упатил на релација Србија-Бугарија-Турција каде што подоцна е приведен од страна на турската полиција и задржан во екстрадициски притвор. Екстрадицискиот притвор кој му е одреден, воопшто не е условен со испорака на ѓуленистите од Македонија и тоа не е барање коешто било упатено од страна на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган до македонските власти.

Напротив, постапката за екстрадиција е точно утврдена во документи за меѓународна соработка и тие се спроведуваат целосно без да бидат вклучувани некакви услови, како оној наведен во објавата што ја рецензираме.

Претседателот Стево Пендаровски во неодамнешна изјава рече дека екстрадицијата ќе се случи наскоро и дека таа не е спорна од безбедносно разузнавачки аспект. Тоа всушност го демантира изнесеното во објавата која ја рецензираме.

Доцна попладнево добивме информација дека неговата екстрадиција не е спорна од безбедносно-разузнавачки аспект и практично сега остануваат само техничките детали од она што се нарекува меѓународна правна помош што се случува како процес меѓу двете министерства за правда. Значи, ако смеам да предвидувам, бидејќи ова не е спорно, имаше прашања што со некакви припадници на ФЕТО, паметите…нема да има никакви условувања. Од тој аспект работата е исчистена, чиста, и дека сега останува само да се договорат деталите за примопредавање кои се од технички карактер. Значи, дека таа екстрадиција може да се случи многу скоро, рече Пендаровски на 9 јануари 2024. 

Претходно Министерството за правда го испрати барањето за екстрадиција на осомничениот за двојното убиство Љупчо Палевски-Палчо. Во соопштението на Министерството од 7 декември наведоа дека барањето преку МНР ќе биде доставено по дипломатски пат до турските власти. Двете држави имаат воспоставено соработка за екстрадиција, а имаат и меѓусебен Договор за правна соработка во граѓанските и кривичните предмети.

Уште на 11 декември 2023 претседателот Пендаровски одговори дали е можно да има одолговлекување од турска страна поврзано со барања на Турција за испорака на припадници на организацијата ФЕТО од Северна Македонија. Претседателот рече дека во 2019 година лично до него дошло такво барање од Ердоган како услов Турција да го ратификува протоколот за пристапување на земјава во НАТО.

Му ја објаснив ситуацијата на претседателот Ердоган од сите аспекти, вклучувајќи го и неспорниот факт дека ние сакаме да станеме членка на Алијансата во која има и други прилично моќни држави кои кон нас испорачуваат сосема спротивни барања, дека ако тоа и тоа се случи ќе имате проблеми од друг тип со други ратификации во истиот процес на пристапување. Ердоган совршено ме разбра и наредниот ден координаторот во турскиот парламент од неговата пратеничка група доби задача и во 24 часа ја ратификуваа таа спогодба, без воопшто да има барања во однос на тие 15 лица нешто конкретно. Иако во тоа време нашето МНР даде дециден одговор дека значаен дел од тие лица не се на наша територија, а за другите до таа бројка од 15 побара дополнителен аргументи дека станува збор за припадници на терористичка акција, рече Пендаровски на 11 декември 2023.

Претседателот додаде и дека според информациите од разузнавачки карактер кои тој ги добива, најголем дел т.н. „ѓуленисти“ не се повеќе во земјава.

Досега тоа не било покренато на ниедно ниво, инаку нема потреба да имате ваков случај за тоа прашање да се покрене. Турските власти знаеја во тој период и по други поводи да го покренуваат. До овој момент до мене не е дојдено такво барање, рече Пендаровски.

Во Македонија, прашањето за структурите кои се сметаат за блиски до Фетула Ѓулен, свештеникот противник на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, се отвори пред три години, по неуспешниот обид за пуч во Турција.

Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистинита.