Обвинувањето дека зад ковид-19 пандемијата стои еврејско-болшевичка револуција со крајна цел воведување тоталитарен режим, претставува уште една теорија на заговор што се шири по социјалните мрежи, а е со ништо поткрепена. Таа лага носи подеднакво две опасности – ем сее неверување за коронавирусот, ем сее говор на омраза, , пишува „Вистиномер.мк“.

Пост објава на Фејсбук со лажна содржина внесува забуна и опасен заклучок околу пандемијата на вирусот што резултира со Ковид-19 болеста и придонесува за намалување на будноста и претпазливоста кај граѓаните, а освен тоа, шири говор на омраза.

Во објавата на македонски јазик, која е всушност памфлет од две реченици, се вели:

КОВИД 19 НЕ НИШТО ДРУГО ОСВЕН ЕВРЕЈСКА-БОЛШЕВИСТИЧКА РЕВОЛУЦИЈА. ВОВЕДУВАЊЕ ТОТАЛИТАРЕН РЕЖИМ ВО ЦЕЛ СВЕТ

Ваквата порака на авторот на постот не е со ништо поткрепена. Но, затоа, веднаш е основа за коментар исто така, со лажна содржина, од следниот тип:

Шведска го укина ковид 19 додека Трамп средината на октомври го прогласува за измама и го укинува. Овие идиоти во РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА се спремаат да воведуваат мерки 

Само овој коментар со невистини – ниту Шведска „го укинала“ ковид-19, ниту американскиот претседател може во средината на октомври да прогласи за измама болест од која неодамна само во САД починаа повеќе од 200.000 Американци – покажува колку е опасна лажната содржина на постот.

Имено, таа упатува на теории на заговор какви што сè уште постојат за една од трите големи светски револуции во последните три века, Советската Револуција. Бидејќи последиците од таа револуција завршија со Декларација на Советот на Европа од 2009 година, која ги изедначи последиците од комунистичките идеологии и системи со последиците од нацистичките и фашистичките системи во дваесеттиот век, пораката од ваквиот пост, што е предмет на нашата рецензија, би биле дека вирусот и пандемијата, кои се, наводно, предизвикани од Евреи со болшевичка идеологија, со цел да завладеат со светот преку воведување на тоталитарен режим, се лажни. А наводните заговорници, Евреите, треба да бидат казнети.

Ваквата теорија на заговор е слична на онаа што неодамна ја рецензиравме во друг пост, а чиј основен носител е италијанскиот новинар Никола Бици, кој преку порталот Database Italia, редовно објавува текстови со слична содржина.

Меѓу последните објавени текстови се наоѓа и неговото тврдење дека ММФ, заедно со СЗО и други финансиски институции уште во септември 2019 година ги известиле сите европски влади и пошироко дека ќе има пандемија и дека, ако се придржуваат до рестриктивните мерки за сузбивање на пандемијата, ќе добиваат пари во огромни количини. Целта на рестриктивните мерки, според Бици, не би била сузбивање на пандемијата, туку јакнење на полициските сили и надлежности во секоја држава и воведување тоталитарен режим.

Но, колку е шуплива ваквата теза говори фактот што не постои ниту еден релевантен факт за да ја потврди, па единствениот што го најдоа беше во одбивањето на белорускиот претседател, Александар Лукашенко, да го прифати заемот од ММФ од над 900 милиони долари, зашто ММФ барал порешително справување на Белорусија со епидемијата. Освен ова, и покрај пандемијата, гледаме дека во целиот демократски свет и натаму се одржуваат избори и парламентарната демократија се обновува на легитимен начин.

Постојат и други теории заговор за корна вирусот и Ковид-19, од тоа дека полицискиот час бил воведен да не се гледа како се поставуваат антените за 5 Г мрежата (пример од Босна), до чипување на луѓето и вмешаноста на Бил Гејтс, вакцините, итн….

Неодамна главниот германски виролог, кој е вклучен во справувањето на Германија со корона вирусот, професор Хендрик Штрекуспешно ги демантираше најосновните лаги поврзана со болеста, а во видеото што е вметнато на страната на Дојче Веле, каде е објавен текстот, можат да се видат и другите теории на заговор.

Оваа лага во постот што го рецензираме е најблиска до лагата за наводната Агенда 21/2030 што наводно постои и се спроведува под закрила на Обединетите нации, а што, исто така, е разобличено и од светски факт-чекери и од „Вистиномер“.

Сепак, постот што го рецензираме носи дополнителна штета со ширењето на говор на омраза. Се шири антисемитизам и омраза кон Евреите, речиси подеднакво исто како што тоа го правеше сталинистичкиот СССР, а уште порадикално Хитлерова Германија и нејзините сојузници во Европа, па крајната порака би била да се казнат Евреите за ова нивно наводно злосторство. Ваквиот говор на омраза, се разбира, може да доведе до криминал од омраза, пишува „Вистиномер“.