fbpx

Електронска војна од дезинформации по разгорувањето на конфликтот меѓу Израел и Хамас

Успешните обиди за искривување на сликата прават многу потешко да се дојде до вистината за она што се случува на теренот, ако се потпирате на социјалните мрежи за најновите случувања, пишува Мариана Спринг, дописник на сервисот за дезинформации и социјални медиуми на Би-би-си

-

Додека се разгорува војната меѓу Израел и Хамас, медиумските регулатори и аналитичари тврдат дека бранот на онлајн дезинформации ризикува дополнително да ги разгори страстите и да ескалира конфликтот во „електронска војна“, анализира одделот за проверка на факти на Ројтерс.

Експлозијата во болницата во Газа во која загинаа стотици Палестинци е последниот фокус на напливот на дезинформациски активности, додека поддржувачите на двете страни во битката меѓу Израел и Хамас се обидуваат да го зајакнат наративот на сопствена страна и да фрлат сомнеж врз наративот на другата. Во некои случаи, пак, пишува Ројтерс, збунетоста повеќе отколку намерната дезинформација знае да ги зголеми тензиите.

Тимот на Ројтерс кој работи на проверка на факти, но и многу други проверувачи на факти се обидуваат да ги сублимираат најчестите примери и наративи кои се користат во онлајн просторот за да се шират дезинформации. На истото работи и Вистиномер во земјава, со оглед на тоа што речиси истите наративи можат да се сретнат на социјалните мрежи, од македонските корисници. Досега се дебанкирани десетици лажни вести во однос на војната меѓу Израел и Хамас, каде што се користат лажни или стари фотографии, монтирани видеа и сл., за да се шират дезинформации во корист на едната или на другата страна.

Па така на пример, профил на социјалната мрежа X (поранешно Твитер), под името Фарида Кан, која тврдеше дека е новинар на Ал Џезира во Газа, објави статус во кој се вели дека има видео од „ракетата на Хамас што погоди болница“ минатиот вторник. Ал Џезира ги предупреди корисниците на социјалните мрежи дека профилот не е никако поврзан со сервисот за вести и дека во Ал Џезира не работи лице со тоа име. Профилот подоцна беше избришан.

Понатаму, видео од рускиот претседател Владимир Путин како зборува за Украина минатата година, беше споделувано месецов, со фабрикуван превод на истото, каде што Путин наводно ги предупредува САД да не се мешаат во конфликтот Израел-Хамас.

Видео од 2015 година од линчувањето на 16-годишно девојче во Гватемала исто така беше погрешно претставено на интернет како да станува збор за млада Израелка запалена од „палестинска толпа “.

„На профил на кој наидов, едно видео лажно сугерира дека Палестинците ги лажираат своите повреди во Газа. Снимката е всушност сторија од 2017 година за шминкер кој работи на палестински филмови и со добротворни организации. Сите информации што ги прочитав, не беа само шокантни за мене – тие влијаат и на поширокиот контекст за она што се случува. Успешните обиди за искривување на сликата прават многу потешко да се дојде до вистината за она што се случува на теренот, ако се потпирате на социјалните мрежи за најновите случувања“, пишува Мариана Спринг, дописник на сервисот за дезинформации и социјални медиуми на Би-би-си, додавајќи дека сето ова може да има сериозни импликации за меѓународната заедница, кога станува збор за истрага на наводите за воени злосторства, обезбедување помош и откривање што и каде се случува.

Во 2014 година, портпаролот на военото крило на Хамас, Абу Обаида, објави видео во кое ја признава иранската поддршка за Хамас. Сега тоа беше повторно објавено на интернет и погрешно претставено како неодамнешно, за директно да се вмеша Техеран во последниот напад, пишува Ројтерс.

Турскиот претседател Таип Ердоган ја критикуваше израелската блокада на Газа, а неточни преводи беа додадени на виралното видео што кружеше на Х и на Фејсбук, во кое тој наводно ги предупредува САД да не интервенираат и дека Турција е „подготвена да ја брани Палестина по секоја цена“.

Социјалните мрежи исправени пред предизвик

Шефот за дигитални права на ЕУ, Тиери Бретон, неодамна ги посочи X, Мета (компанијата-сопственик на Фејсбук), ТикТок и Јутјуб дека не направиле доволно за да ги спречат дезинформациите по нападите.

Секоја компанија подоцна се изјасни дека презела чекори за справување со штетните содржини. Од X изјавиле дека имало повеќе од 50 милиони објави на платформата во текот на еден викенд, а во врска со конфликтот.

Компанијата, како што пренесе Ал Џезира, соопштила дека ги отстранила новосоздадените профили поврзани со Хамас, ги засилила надгледувањата за споделување графички медиуми и говор на омраза и ги ажурирала своите политики што го дефинираат она што платформата го смета „вредно за вест“.

Од 7 октомври, сајбер единицата на Државниот обвинител на Израел почна да работи на отстранување на содржините на социјалните мрежи кои дистрибуираат содржини кои, како што велат, поттикнуваат насилство поврзано со Хамас. Израелското обвинителство соопшти дека поднело околу 4.450 барања за отстранување на содржините, повеќето од нив до Фејсбук, ТикТок и X.

Рафи Менделсон, потпретседател на компанијата со седиште во Израел која ги анализира социјалните мрежи Кјабра, за Ројтерс изјавил дека повеќе од 40.000 лажни профили користеле про-Хамас наративи на интернет, а илјадници од нив биле создадени повеќе од една година пред нападот.

Според информациите на Кјабра, секој петти профил кој се вклучил во дискусии за нападите извршени од Хамас од 7 октомври бил лажен, пишува Спринг од Би-би-си.

„Лажни“ во овој контекст може да значи дека тие се автоматски управувани, но и дека се управувани од вистински луѓе кои се претставуваат со лажни идентитети. Од компанијата изјавиле дека пронашле приближно 40.000 вакви лажни профили, вклучително и на X и ТикТок.

hubmk

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени двајца руски новинари под обвинение дека работеле за фондацијата на Алексеј Навални

Двајца руски новинари се уапсени под обвинение за „екстремизам“, поради обвиненијата дека работеле за група основана од починатиот руски опозициски политичар Алексеј Навални, пренесе Гардијан. Новинарите Константин Габов и Сергеј...