fbpx

Експертите ѝ порачуваат на Арсовска во однос БРТ системот: Не брзајте со стратешки одлуки!

-

За 1% пропадна референдумот за воведување на трамвај во Скопје кон крајот на 1980-тите години, по што беа потребни 30 години за да почне повторно да се спроведува постапка за воведување на алтернативен јавен превоз во главниот град. Не брзајте со одлуките, е ставот на експертите по вчерашната изјава на скопската градоначалничка Данела Арсовска дека нема да го реализира Бас рапид транзитот – БРТ или автобуското метро во Скопје.

Арсовска за дел од македонските медиуми, на брифинг на којшто новинарите на „Мета“ не беа поканети, рече дека во наредните денови ќе има состаноци со експертите на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за да се запознае со условите и што досега било договорено и направено, но и кажа дека БРТ нема да се гради.

Завчера пак, таа заедно со градоначалникот на општина Аеродром, Тимчо Муцунски промовираше изградба на мега парк на локацијата на последната станица на линијата 5 во Ново Лисиче, каде што всушност треба да се гради идното депо за автобусите од првата БРТ линија.

Никола Крстаноски, професор по јавен градски превоз на Техничкиот факултет во Битола, за Мета.мк вели дека најголемиот недостаток на јавниот превоз во Скопје не се бројот на автобуси или бесплатните билети, туку недостатокот на брз, високо-капацитативен јавен превоз.

„Ако јас со автомобил во Скопје можам за 30 или 40 минути, дури и ако има некакви застои во сообраќајот, да стигнам до саканата цел, а со автобус вкупното време на патување – пешачење до стојалиште, чекање да дојде возило, возење во возилото, пешачење од стојалиште до крајна цел на патување, ми треба еден час и повеќе, ќе си патувам со автомобил, па ако сака градот нека пушти и авиони во јавниот градски превоз“, објаснува професорот Крстаноски.

Тој додава дека БРТ проектот во Скопје бил прифатен со големо воодушевување од преставниците на ЕБОР, кои се многу строги во поглед на проектите кои ги финансираат.

„Скопје не може да ги намали проблемите со метеж во сообраќајот, зголемено загадување, недостаток на паркинг простор, ако не се понуди високо квалитетен јавен градски превоз кој би бил доволно привлечен, за дел од денешните корисници на автомобили да откријат дека попогодно за нив е ако користат јавен градски превоз“, порачува професорот Крстаноски.

Покрај брзината на превозот, важна е и доверливоста на услугата за граѓаните, а тоа значи сигурност на патникот дека секој ден со користењето на јавен превоз ќе стигне во точно очекувано време до крајната дестинација, без доцнење. Со постојниот автобуски систем во Скопје, вели Крстаноски, ова е неостварливо, бидејќи автобусите немаат посебна траса, туку се заглавени во сообраќајниот метеж. Оттука, тој вели дека е основно неразбирање да се смета дека набавката на нови автобуси ќе го подобри јавниот превоз и ќе привлече нови корисници.

Во однос на целосно бесплатниот јавен превоз како искуства од други градови, професорот Никола Крстаноски за Мета.мк појаснува дека го има само во Луксембург како исклучително богата и мала држава и Талин, главниот град на Естонија. Во однос на другите населени места, станува збор за исклучително мали градови до 20.000 жители со многу мал број на линии.

„Примерот од градот Талин покажал многу интересни резултати: заради бесплатниот превоз само за околу 10 отсто се наголемил бројот на патници, а употребата на автомобили се намалила само за 2-3 отсто. Интересно, зголемувањето на бројот на патници произлегол од претходни корисници на велосипеди и од пешаци, како и од зголемен број патувања од постојни патници на јавен градски превоз“, појаснува тој.

Колку што ги сфатил залагањата на градоначалничката Данела Арсовска, во Скопје во иднина ќе се зголемел бројот на автобуски линии, ќе се вовеле почести поаѓања, но ова е во директен конфликт со идејата за бесплатен јавен превоз и со тврдењето на градоначалничката дека со добро менаџирање може да ги намали трошоците на работењето.

„Денес ЈСП Скопје има годишни трошоци на работење од околу 30.000.000 евра, а ако се зголеми бројот на возила на работа таа бројка би достигнала и до 35.000.000 евра па и повеќе“, дециден е професорот Крстаноски.

Во ваков случај, најголем дел од градскиот буџет на Скопје ќе треба да се одвојува за финансирање на бесплатниот јавен превоз, а прашањето е дали тоа нема да го доведе во прашање функционирањето на другите јавни претпријатија и Градот Скопје воопшто.

Професорот Никола Крстаноски потсетува дека трошоците за јавен превоз произлегуваат и од цените на горивата и на резервните делови за автобусите, но и ако се воведат нови линии и зачестени автобуси, ќе мора да се вработат нови возачи, бидејќи ЈСП Скопје веќе сега има недостиг од ваков персонал.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...