За прв пат во нашата земја ќе се набават сензори за мерење гликемија. Наместо вообичаените боцкања, сега се ставаат сензори на надлактицата и тaка се мери гликемијата со електронски уред или со мобилен телефон. Тоа е последен крик на технологијата, нешто што значајно го зголемува квалитетот на живот на децата. Со овие сензори нема да имаат трауми, нема да се боцкаат за да ја измерат гликемијата. Ова го истакна на денешното обраќање министерот за здравсвто Венко Филипче, на форумот организиран по повод Светскиот ден на дијабетесот, во организација на Сојузот на здруженија на дијабетичари.
– Имаме што ново да кажеме, и што ново е постигнато во лекувањето на овие пациенти. Инсулинот, заедно со хормоните, со вакцините се едни од најголемите придобивки во светот на современата медицина. Кога станува збор за пациент со дијабет, треба да имаме предвид дека станува збор за начин на живот. Целта е да имаат што понормален живот, посебно децата – рече Филипче.
Тој кажа дека има на располагање три нови инсулини и два нови препарати за контрола на гликемијата.
– Тие се кардиопротективни, ги штитат срцето и крвните садови. Со тоа е зголемен квалитетот на животот на пациентите во нашата земја – додаде министерот.
Димче Велев, претстедателот на Сојузот на здруженија на дијабетичари рече дека во светот се урнати сите стереотипи и заблуди за дијабетесот.
– Дијабетесот не го бира овој или оној. Луѓето почнаа да разбираат дека модерното живеење опасно се заканува. Секој 14 ноември се наметнуваат суштински прашања и теми во оваа област. Денес во светот над пола милијарда луѓе живеат со дијабетес. Според проценките на интернационалната дијабетолошка организација, ние како земја влегуваме во групата на држави со висока преваленца на дијабетес – истакна Велев.
Мета неодамна пишуваше за животот на шестнаесетгодишната Миа Чичкариќ, која боледува од јувенилен дијабетес тип 1, по што министерот за здравство Венко Филипче најави набавка на безболни сензори. Токму такви апаратчиња со сензори побара Миа во даденото интервју, велејќи дека нејзина најголема желба е сите деца да добијат сензори за мерење на гликемијата за да не ги болат прстињата од боцкање со мерачите кои сега се користат кај нас.
Инаку од денеска на Клиниката за ендокринологија е отворен нов ендокринолошки дијагностички центар, кој овозможува интегрирана, сеопфатна дијагностика на пациентите со ендокринолошки заболувања. Центарот има три кабинети за ултрасонографска дијагностика на патолошки промени на тироидната жлезда, но и на други ендокринолошки жлезди. Отворен е и кабинет за тенкоиглена биопсија на промени на тироидната жлезда водена под ултразвук, како и кабинет за колор-доплер преглед на циркулацијата кај пациентите со дијабетес.