Еколозите со порака: Отпадот навистина да биде суровина и да се рециклира со новите закони

Фото: Архива на Мета.мк

Отпадот навистина да стане суровина и да се рециклира, а не да се дозволи да биде уште поголема опасност за животната средина, апелираат граѓанските организации во однос на новините кои ги овозможува новиот пакет закони за управување со отпад.

Можноста за селекција на отпадниот текстил, гуми, масла и автомобилски школки, не смее да се претвори во начин за создавање на уште повеќе отпад во државата. Граѓанските организации апелираат дека дозволата за третман на овие отпадни матаријали мора да биде под строг надзор и да се спроведува онака како што предвидуваат законите. Животната средина во земјата веќе е премногу засегната од несоодветниот третман на отпадот и не смее да се дозволи можностите за тоа да се прошират.

Новите закони предвидуваат овие материјали да престанат да се сметаат за отпад доколку се преработуваат, вклучувајќи и рециклирање и нивна употреба, со што нема да допринесат за негативни влијанија врз животната средина и здравјето на луѓето.

Активистите од „О2 Инцијатива“ се согласуваат дека принципот да се намали отпадот со негово рециклирање е тренд што е добро да го воведеме, но во строго дефинирани услови на контрола на сите компоненти од целиот процес и со строго дефинирани санкции доколку не е така.

„Потребно е дефинирање на што подобра контрола на управувањето со отпадот и негова имплементација на терен, нешта кои хронично ни затајуваат, а кои не смееме да ги дозволиме кога отпадот е во прашање. Се дозволува депонија за опасен отпад да основа и да управува со неа домашно или странско правно лице во согласност со Законот за концесии и јавно приватно партнерство, а во претходниот беше дефинирано дека само Владата може да основа депонија за опасен отпад. Со новиот Закон за управување со отпад, опасниот отпад ќе се редефинира и можно е она што денес е забрането да се увезува или согорува да се дозволи. Ова е горливо прашање за граѓаните, со оглед на големиот број на негативни искуства во овие области“, посочуваат од О2 Иницијатива.

За еколошките организации проблем е и начинот на кој се утврдени казните во законите, особено што санкцијата не зависи од количината за која се пропишува. Глобата е во висина од 150 евра за лице кое фрла отпадни масла, градежен шут, гуми и друг вид на отпад, а 200 евра доколку ги спалува или закопува.

„На овој начин излегува дека можеби е поисплатливо да се плати казна отколку да се плати за соодветно депонирање. Палењето на кабли вообичаено го прават лица фантоми без лична идентификација или пак инспекторите не можат да ги фатат на лице место. Заради сите овие ситуации не сме сигурни дали казните ќе бидат доволно предупредување за овие дејства да не продолжат“, посочуваат од „О2 Иницијатива“.

Новите закони, освен постојните колективни постапувачи за отпад од пакување, батерии и електричен и електронски отпад, кои веќе функционираат кај нас, налагаат формирање и на колективни постапувачи и за отпадни масла, отпадни гуми, текстил и автомобилски школки. Тоа значи дека увозниците и домашните компании кои се создавачи на ваков отпад, ќе треба да организираат и финансираат систем за собирање на овие типови отпад и нивно рециклирање.

Сето ова, смета Филип Ивановски, претседател на  Асоцијацијата за управување со посебните текови на отпад во Стопанската комора на Македонија, ќе даде една солидна основа за градење инфраструктура за одржлива селекција на сите овие типови отпад и негово рециклирање.

„Увозниците на автомобили, гуми и отпадни масла ќе треба да го вкалкуираат во своите производи и трошокот за справување со нив кога ќе станат отпад. Тоа може, но и не мора да се одрази на крајните цени на тие производи. Она што треба да го сфатиме како граѓани е дека управувањето со отпадот на правилен начин не е бесплатно и на крај тоа го плаќаме ние граѓаните преку цената на производите. И тоа ќе е оправдано доколку гледаме дека навистина со тие наши пари имаме почиста животна средина“, вели Ивановски.

Тој нагласува дека пакетот закони за отпад е во согласност со заложбите за давање подетална рамка за управувањето со отпад кои ги има Асоцијацијата веќе неколку години. Со нив се дефинираат минимални надоместоци кои индустријата мора да ги плаќа за отпадот што го создава, се регулира начинот на трошење на собраните средства и појасно се дефинираат правилата на работење на колективните постапувачи и компаниите членки.

„Како Асоцијација, го поздравуваме носењето на новите закони. Во следниот период треба да се изработат правилници и упатства кои се наведени во новите закони и со кои ќе се намали можноста за слободни толкувања и наоѓање дупки во законите“, посочува Ивановски.

Пакетот закони, според него, дава основа за циркуларна економија и се надева на доследна примена, бидејќи тогаш ќе биде само прашање на време пред да ги видиме резултатите. За имплементацијата смета дека е потребна политичка волја и лидерство, секако земајќи ги в предвид и реалните рокови за адаптација и технолошко-производните промени, онаму каде се бараат. Крајните цели кои се дефинираат со законите, вели Ивановски, не смеат да се компромитираат.