Формирано е Работно тело за измени на Законот за урбано зеленило во кое членуваат експерти, претставници на институции и еко-активисти, информираат од Зелен институт.
Ова е прв состанок на кој присутните дале поддршка за предложените законски измени, за да се спречи уништувањето на градското зеленило со урбаната експанзија и непочитувањето на законите. Овие измени добиле поддршка и од претставниците на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени, со кои се одржал состанок пред неколку дена во Собранието.
Предлог-измените на законот беа претставени од тим од проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, што го води Зелен институт, во соработка со Градот Скопје, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг ,,Ханс Ем”, а во партнерство со Флорозон и Македонско женско лоби, како дел од климатскиот проект на Еко-свест финансиран од Шведска.
Со предлог измените меѓу другото се бара усогласување на видовите урбанистички планови и планско-проектна документација според важечкиот Закон за урбанистичко планирање од 2020; усогласување на класите на намени на зеленило и зелена инфраструктура според важечкиот Правилник за урбанистичко планирање од 2020 и дефинирање на категориите на урбано зеленило според пешачкото растојание од домот и достапната површина.
Понатаму, се бара зголемување на нормативите за зеленило во м2/жител на ниво на град и минимален процент на градежна парцела, според новите европски трендови за зелена инфраструктура и одговор на климатските промени; утврдување на минимален процент на озеленетост на градежна парцела според класа на намени; воспоставување обврска за ангажирање стручни лица (шумарски инженери, пејзажни архитекти) при планирање и заштита на зеленилото; зајакнато санкционирање на институциите кои не ги испочитувале законските одредби за минимум зеленило и обврска да не се издава градежна дозвола без исполнета норма за зеленило.
„Овие предлози призлегоа од анализата на законите, во која беа вклучени архитекти и урбанисти, шумарски инженери, правници и граѓански активисти. Се одржа јавна дебата на 6 јули 2023 во салата на Советот на Град Скопје, на која беа поканети сите засегнати страни: Министерството за животна средина, Министерството за транспорт и врски, Градот Скопје и скопските општини, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг,,Ханс Ем”, Комората на овластени архитекти и овластени инжинери на Македонија, Асоцијацијата на архитекти на Македонија, експерти и заинтересирани граѓански организации“, информираат од Зелен институт.