Една година од Едуино платформата: Најзаслужни наставниците кои креираа трајни ресурси за образованието

Едуино платформата е траен ресурс кој ќе може да се користи и по пандемијата, а наставниците се одговорните без кои процесот на далечинско учење немаше да биде успешен. Ова е заклучокот кој го споделија присутните на настанот „Една година од постоењето на ЕДУИНО“ кој се одржа на платформата Зум, а на кој учестувуваа министерката за образование и наука, Мила Царовска, министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, в.д. директор на Бирото за развој на образованието Зеќирија Хасипи, амбасадорката на Велика Британија Рејчел Галовеј, Патриција Ди Џовани претставничка на УНИЦЕФ и Александар Лазовски – менаџер на СмартАп – Лабораторија за иновации.

„Платформата Едуино прерасна во ресурс со трајна вредност за нашето образование. На волонтерски принцип, сите наставници се вклучија бесплатно да снимаат лекции кои ќе можат понатаму да се користат без оглед на пандемијата. Но овој случај тие се клучен извор за информирање на најранливите. Мора да ја споменам и Македонската радио телевизија и националниот сервис коишто обезбеди овие снимени лекции да одат на посебен канал, со што се даде можност учениците кои немаат ИТ уреди или коишто не можат да се вклучат во двонасочна комуникација да може да ја следат наставата на тој начин. Огромна благодарност до наставниците без кои овој процес немаше да биде успешен“, изјави министерката за образование и наука, Мила Царовска.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска пак, се осврна на неопходноста на постоењето платформа која ќе се посвети и на најмладите во нивниот ран развој бидејќи токму тоа ќе придонесе како основа за учењето понатаму во нивниот живот.

„Платформата Едуино создаде простор каде и воспитувачите и родителите можат да ги искористат своите креативни идеи, да создаваат образовни игри да креираат игри коишто може да се користат од занимална но и од дома и целта е постигната. Обезбедена е квалитетна анимација и едукација на децата. За една година се поставени 300 нови видео лекции за предучилишно воспитување и образование, дополнително се развиени 220 едукативни активности за употреба во домашни услови, а 440 нови ќе бидат објавени до април годинава“, рече Шахпаска, заблагодарувајќи им се на воспитувачите кои несебично се вложиле преку креирање на образовни, едукативни, воспитни содржини со цел да бидат достапни за сите во државата.

Директорот на Бирото за развој на образованието Зеќирија Хасипи ја потенцираше јавната афирмација наречена Едуино амбасадори, односно амбасадори на знаењето, концепт креиран за да се препознае трудот на највредните и најпосветени наставници кои дале придонес за создавање на дигитална библиотека.

„Една година од објавувањето на Едуино платформата може да сумираме дека вклучени се повеќе од 15.000 воспитувачи, наставници, родители и образовни експерти во изработка на дигитални образовни содржини, едукативни игри, вебинари и упатства. Богатата ризница содржини која ја создадоа едукатори и системот за верификација претставуваат траен ресурс за унапредување на наставата и учењето“, изјави Хасипи.

И претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патириција Ди Џовани е согласна дека ресурсите на Едуино ќе останат достапни и понатаму откако ќе заврши пандемијата.

„Од страна на образовниот систем беше направен брз премин кон учењето од далечина. Среќна сум што сме постигнале таков резултат, но сепак патот до дигитализацијата се соочи со предизвици. Мнозинството од учениците во државата учеа од дома и ги користеа алатките за учење од далечина. Сепак знаеме дека затворањето на училиштата има негативно влијание врз здравјето на децата, врз приходите во државата и севкупната економија иако дигитализацијата е огромна придобивка на 21 век која што помага и во областа на образованието“ рече Ди Џовани.

Амбасадорката на Велика Британија во земјава, Рејчел Галовеј потенцираше дека уште на почетокот на пандемијата ја увиделе потребата за итна помош во образованието, а веќе една година подоцна државата има голема платформа за основно и средно образование со преку 3.600 лекции.

„Најмногу треба да им честитаме на Едуино амбасадорите и резултатите од нивната ентузијастичка работа коишто не дозволија пандемијата да го запре образованието на нашите деца“ изјави Галовеј, која рече дека и натаму продолжува соработката помеѓу двете земји, како и поддршката на Велика Британија во процесот на развојот на образовнието во С.Македонија.

На крајот се обрати и менаџерот на СмартАп – Лабораторија за иновации, Александар Лазовски кој рече дека сплотената и заедничка работа на наставниците се двигател на промените и развојот во образованието.

„Бројките, видео лекциите, активностите и учесници на настани се еден од резултатите, а главниот резултат е доказот дека наставниците и едукаторите може да работат сплотено и заедно кон решавање на системски проблеми, дека тие сакаат да бидат заедница која ќе ја вреднува нивната работа, која ќе ги поттикнува и ќе им помогне во нивниот професионален развој и во нивното изразување и исполнување на нивната креативност. Ваквите постигнувања се доказ за нивната моќ со која едукаторите создаваат и во иднина подобри генерации. Гледано од голема перспектива, оваа заедница поседува потенцијал за подобрување на образованието и е неопходно да го подржиме овој пример на колективно делување и создавање во кој, ние како држава сме пионери“ заклучи Лазовски.