fbpx

„е-Општество.мк“: Превенцијата и едукацијата на општеството се најсилното оружје за кибер-безбедност

-

Мора да имаме образовани и едуцирани граѓани со знаења и вештини за да се соочиме со предизвиците на кибер безбедноста, додека државата мора да биде ефикасна и да гарантира соодветно законодавство. Ова, меѓу другото, беше кажано на панелот „Кибер безбедност и човековите права во Западен Балкан“ во рамки на 18 меѓународна конференција „е-Општество.мк“ организирана од Фондацијата „Метаморфозис“ во Скопје.

На панел дискусијата модерирана од страна на Маријана Јанческа од Метаморфозис, панелистите дадоа еден преглед на постоечките капацитети за кибер безбедност во земјите на Западен Балкан и понудија свои препораки за вклучување на стандардите за човекови права во управувањето со кибер безбедноста и за подобро спроведување на одредбите во рамки на човековите права во регионот.

„Има разлики во дефинициите на кибер безбедноста, најчести конотации се критични структури концентрирани околу идејата за државна или национална безбедност, но колку тие национални стратегии ги спомнуваат човековите права – многу малку. Кога станува збор за препораки, сите држави на Западниот Балкан, економиите на овие држави покажуваат еден напредок во законската рамка, има основа, солидни столбови, но експертите се за тоа да се создаде една култура за кибер безбедност, што покрај аспектот на пристапот или реакциите, ќе вклучува и свест за оваа тема. Кибер безбедноста е заедничка грижа, а не само за една мала специфична група на актери“, рече Лајло Мерали од Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, DCAF.

Александар Ацев од Националниот центар за одговор на компјутерски инциденти MKD-CIRT што функционира во рамки на Агенцијата за електронски комуникации, рече дека треба да се работи на идентификација на ранливите делови и на ризиците и на континуиран начин да ја подигнеме свеста. Тој рече дека треба да се среди и законското прашање.

„Сè уште немаме наменски закон што се однесува на кибер-безбедноста, имаме еден предлог-закон, но тој сè уште не е усвоен. Не знам каква ќе биде иднината на текстот на законот. Кога станува збор за инцидентите во киберн-безбедноста, ќе ја нагласам и важноста или недостатокот на законодавството, што значи дека статистиките се собрани од волонтери бидејќи не постои никаква алатка за нивно пријавување. Ова е едно од прашањата што чекаме да се адресираат“, рече Ацев.

Според податоците од анкетата што тој ја презентираше, 57 отсто од корисниците користат антивирус, а 40отсто не користат антивирусен софтвер.

„Треба да имаме образовани и едуцирани граѓани со знаења и вештини и ова е важно“, порача Ацев апелирајќи за едукација на граѓаните за важноста на кибер-безбедноста.

Фото: Фондација Метаморфозис

Светлана Николоска, професор на Факултетот за безбедност при Универзитетот „Свети Климент Охридски“ – Битола зборуваше за киберн-безбедноста од аспект на финансиските измами. Според неа, државата треба да биде поефикасна во прашањето на киберн-безбедноста и следствено на ова да ги едуцира и граѓаните.

„Потребни се истраги, некој да ги спроведе овие истраги, бидејќи обезбедувањето на електронските податоци не е толку тешка работа. Компензацијата е најтешката работа, криминалците не спијат, тие шетаат, од една држава во друга, ги трансферираат парите таму каде што нема рака за да ги допре, каде што функционираат државите офшор. Имаме капацитет, моите колеги од секторот за кибер-криминал се оспособуваат секој ден сè повеќе и повеќе, но потребно е да бидат свесни сите граѓани, не да молчат, бидејќи молкот им овозможува на криминалците уште пошироко делување“, рече Николоска презентирајќи податоци во врска со финансиските кривични дела преку компјутерските системи што се регистрирани од 2017 година во нашата земја.

Меги Речи, од Институтот за демократија и медиуми, зборуваше за ситуацијата на кибер-безбедноста во Албанија, при што го спомна скандалот со протекувањето на информациите за регистарските таблички, но и за нападите врз владините веб-страници и врз владините функционери. Таа даде неколку препораки за кибер-безбедноста за државите на Западниот Балкан.

„Потребен е сеопфатен пристап со вклучување на добро владеење, на човековите права. Во сите држави на Западен Балкан треба да се развијат инструменти за намалување на ризиците за дискриминација и одлучување, транспарентноста е доста релевантна што е добро за демократското владеење, треба да знаеме како да ги проценуваме ризиците. Исто така, приватниот сектор треба да биде отчетен, за да се осигура дека се во согласност со правилата за заштита на личните податоци. Исто така, треба да се изгради еден општ систем за прибирање на податоците за онлајн насилство – ова е нешто што во Албанија го нема и не дозволуваат целосна истрага за да можеме да кажеме каква е состојбата. Треба да се изгради за да можеме да ги идентификуваме областите за интервенција и да им се помогне на жртвите на насилство“, рече Речи.

Хвале Вале од Здружението за прогресивна комуникација рече дека многу е важно луѓето да бидат во центарот на секој систем и доколку сакаме да сме праведно општество треба да бидеме општество за сите, а демократијата е овде да ги заштити и најранливите.

„Треба да сфатиме дека хиерархијата на кибер-безбедноста ги прави луѓето фактори и треба да се концентрираме на нивното искуство, гласот, учество и без ова ние не можеме да имаме безбедност и слобода за сите“, рече Вале.

Инаку, овогодишното издание на е-Општество.мк ќе трае 2 дена и се состои од 7 панел дискусии, 2 инспиративни говори, 1 телевизиска дебата и прикажување на филмот „Сестри“ од Дина Дума (Во Кинотеката на Северна Македонија).

Активисти, експерти, новинари, државни службеници и поддржувачи од регионот на Западен Балкан и пошироко ќе ги споделуваат нивните погледи и ставови за дигиталната трансформација на јавната администрација и општествата, почитувањето на човековите права во онлајн просторот, надзорот и обработката на биометриските податоци, приватноста, последиците од сајбер насилството во реалниот живот.

На Конференцијата ќе има и дискусии за дезинформациските наративи, ефектите на дезинформациите и странските штетни влијанија врз демократијата во Северна Македонија, како и за безбедносните закани кон демократијата и европските напори за борба против дезинформациите.

Агендата на конференцијата можете да ја најдете тука.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.
ФИНКИ

ФИНКИ бара Владата да ги ослободи бараките на Техничкиот кампус, во спротивно најавува протести и штрајк

Најбројниот факултет во земјава – Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) бара од Владата решение за просторниот проблем со кој се соочува институцијата. Со повеќе од 5.000...