„е-Општество.мк“: Онлајн наставата крие многу ризици за злоупотреба на личните податоци на учесниците

Во онлајн наставата во образованието треба да се креира платформа преку која сите корисници, учениците, наставниците и родителите, ќе ја идентификуваат приватноста и безбедноста и ќе можат да ги контролираат податоците со цел да преземат мерки и да реагираат во случаи на инциденти од злоупотребата на нивните податоци.

Биометриските податоци кои се користат во онлајн наставата, видеа и фотографии при учењето, пишувањето домашни и полагањето и проверката на знаењето, немаат законска подлога за користење и затоа можат да се пренесуваат и споделуваат. Токму затоа е неопходно да се создаде една единствена плаформа која ќе ги вклучува сите аспекти на приватност и на безбедност. Ова го посочи Елена Стојановска од Фондацијата „Метаморфозис“, на денешната работилница насловена како „Отворено дигитално образование во Северна Македонија – придобивки од користењето на ИКТ во образовниот процес“ што ја организираше Фондација Метаморфозис во склоп на 16. Меѓународна конференција е-Општество.мк: „Вклученост и ефективност – доброто владење и интернетот“.

„Сите актери во онлајн процесот во образованието треба да бидат свесни за безбедноста и доверливоста на податоците и заеднички да работат на одредени политики и информации до крајните корисници. Мора да постои правилник за одговорностите кај Министерството за образование и кај училиштата кои ќе ги дефинираат сите аспекти на безбедност при комуникацијата“, рече Стојановска.

Таа објасни дека во онлајн наставата наставниците најчесто користат свои имеил адреси, на лични компјутери, и преку форми на комуникација, како ЗУМ или Микрософт тимс, ја одвиваат наставата, што може да доведе до многу безбедносни ризици и нарушување на доверливоста на личните податоци. Според Стојановска, сите лични податоци и имеил адресата на ученикот од приватен компјутер кои се заради негова идентификација, можат да се пренесат и споделат, па затоа е неоходно да има ограничување и рокови во институциите кои ги собират истите, тоа да не биде засекогаш.

„Како можни закани за доверливоста на податоците се фишинг меиловите, злонамерен софтвер, небезбедна комуникација, небезбеден софтвер и злонамерен корисник, а и  вирусите не секогаш ги покажуваат симптомите. Затоа е препорачливо да се користат повеќе имеил адреси, на повеќе сајтови и сервиси и почесто да се бришат пораките заради што помалку простор за злонамерни напади“, препорача Филип Нешкоски од „Метаморфозис“. Како пример, наведе дека кражбата на податоци или менувањето на идентитетот можат да се искористат при полагањето на испити или оценувањето во онлајн наставата.

Според истражувањето кое го спроведе Фондацијата за интернет и општетство „Метаморфозис“ од март до јуни годинава за онлајн наставата во основните училишта, една третина од наставниот кадар користи интернет пристап преку компјутер од училиштето, една половина користи лични компјутери, а речиси сите користат лични меилови за официјална комуникација, што покажува дека постојат многу ризици за злоупотреба на лични податоци.