fbpx

Дуке Бојаџиев и Филхармонија ќе настапат и во „Карнеги хол“ во Њујорк

-

Композиторот и пијанист со меѓународна кариера, Дуке Бојаџиев, е задоволен од одѕивот за неговите четири концерти што ги изведе изминатиот викенд во Скопје („Сон, верба, љубов“ со Македонската филхармонија во петокот, два концерта во МКЦ во саботата) и за концертот во Битола во неделата.

Поради голем интерес од публиката, Бојаџиев деновиве ќе одржи концерт и за велешани во новиот театар, пред неговото заминување в сабота во Њујорк, каде што живее и работи.

Бојаџиев вчера имаше средба со министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, која на прес-конференција соопшти дека во втората половина од годинава Бојаџиев и Камерниот оркестар на Македонската филхармонија ќе настапат во престижниот „Карнеги хол“ во Њујорк, во рамки на Денови на македонската култура во центарот на светот. Во мај годинава, Бојаџиев ќе биде вклучен и во програмата за одбележување на Св. Кирил во Рим.

Министерката Елизабета Канческа-Милевска рече дека преку годишните програми, Министерството се грижи за македонските музичари кои се гордост на Македонија и успешно ја презентираат нејзината култура.

– Тоа е пример и со Дуке Бојаџиев, кој во изминатиот период успешно ги промовира македонската култура и уметност во Њујорк, заедно со неговите соработници. Македонската публика тоа и го потврди со огромното присуство… Концертот во „Карнеги“ во втората половина од оваа година ќе биде исклучително значаен концерт за Македонија – рече Канческа-Милевска.

Бојаџиев е задоволен од концертите и се заблагодари на поддршката што Министерството за култура им ја дава на македонските уметници, истакнувајќи колку е таа важна за отворање на погледот на музичката сцена и кон музиката како професија.

– Не можам ни да замислам што ќе ми значеше некој да ме поддржи кога јас се развивав како музичар. Пресреќен сум од сè што овие години се случува во музиката и во филмот, како и од професионалниот однос во уметноста, што недостигаше долго во Македонија. Тоа сега сè повеќе го чувствувам кога доаѓам… Имавме прекрасен викенд, со голем одѕив и со распродадени концерти. Се потрудивме да дададеме сè од себе, имаше убав фидбек од публиката и е убаво чувството дека тоа што си сакал да го пренесеш, си го пренел и повеќе од што си очекувал – рече Бојаџиев.

Програмата во „Карнеги хол“ ќе биде слична со концертот од петокот во Скопје, но Бојаџиев планира да настапат музичари од Њујорк кои не можел да ги донесе во Македонија. Некои од нив ѝ се познати на македонската публика од концертот што Бојаџиев го одржа во 2011 година на Античкиот театар во Охрид со Камерниот оркестар на Филхармонија.

– Ќе биде ова што го слушнавте тука, измешано со елитна музичка сцена од Њујорк, споено со Камерниот оркестар на Македонска филхармонија. Очекувам дека ќе биде исто толку убаво како тука, ако не и поубаво – рече македонскиот музичар.

Директорката на Македонската филхармонија, Маја Чанаќевиќ, на средбата со медиумите истакна дека концертот на Бојаџиев бил дел од востановената практика да се негуваат и други жанрови.

– Покажавме дека звукот на оркестарот и тоа како може да биде интересен и атрактивен за сите љубители на музката воопшто, не само за љубителите на класичната музика – рече Чанаќевиќ. Таа соопшти дека покрај концертот со Дуке во „Карнеги“, Камерниот оркестар на Филхармонијата во Њујорк ќе има уште еден концерт, на друга локација, со изведба на македонски и на светски композитори.

Концертот „Сон, верба, љубов“ беше спој на фрагменти од музика што Бојаџиев ја создал за македонски филмови („До балчак“, „Сенки“ и „Војната заврши“) и од композиции од албумот „Љубовта е патот“, кои се комбинација од авторска, филмска музика и од изворно македонско творештво. На концертот настапија и неговите соработници Крсте Роџевски (вокал), Исмаил Лумановски (кларинет) и Матијас Кунцли (перкусии).

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...