fbpx

Досега се договараа, од денеска почнува спроведувањето на Договорот од Пржино

-

По неколку недели преговарања, политичките партии потписнички на Договорот од Пржино во петокот, во раните утрински часови, постигнаа договор по сите точки од договорот од 2 јуни и од 15 јули, кој треба да почне да се применува од денеска.

Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи заедно со своите тимови ги договорија изборниот законик, надлежностите на ДИК, законот за влада, законот за приватност и законот за „свиркачи“, кои од денеска треба да се изгласаат во Собрание и да почнат да се имплементираат.

Централниот одбор на СДСМ во петокот вечерта едногласно им дал поддршка на сите номинации за министри и за заменици-министри: Оливер Спасовски за министер за внатрешни работи, Фросина Ременски за министерка за труд и социјална политика, Александар Кирацовски за заменик-министер за информатичко општество и администрација, Кире Наумов за заменик-министер за финансии и Љупчо Николовски за заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Собранието за денеска, во 12 часот, има закажно продолжение на 71. седница, на која на дневен ред сè уште ги нема законите договорени меѓу четирите политички партии.

Генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, кој ќе биде министер за внатрешни работи во преодната влада, вчера при посета на граѓаните на Гостивар, рече дека очекува оваа недела да седне на министерското столче и да почне со работа.

– Најверојатно, в понеделник треба да се одржи седницата, можеби во вторник, но тоа зависи од претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, и тоа му го оставам нему. Дозволете да заврши изборот и понатаму ќе седнеме, ќе разговараме, пред сè, со медиумите и со граѓаните за сите активности што ќе ги преземам во МВР – рече Спасовски.

Денеска со работа официјално треба да почне и специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, чиј тим од 12 помошници-обвинители беше комплетиран во четвртокот, откако Советот на јавни обвинители одобри дополнителни пет обвинители.

Освен имплементацијата на Договорот од Пржино, Македонија оваа недела го очекува и извештајот од Европската комисија за напредокот, кој треба да покаже дали Македонија ќе ја добие или ќе ја загуби препораката за почнување преговори со Европската унија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...