fbpx

Донацијата на палмите е незаконска, тврди прилепски адвокат

-

Прилепчани сè уште се интересираат за неодамна засадените палми во центарот на градот, кои, како што најавија своевремено надлежните, биле проект на ЈП „Македонски шуми“. Тие пристигнаа како донација за градот Прилеп и сега се веќе дел од хортикултурното уредување од паркот пред општинската зграда.

По овој потфат на ЈП „Македонски шуми“ и на локалната власт, адвокатот Жарко Стеваноски решил да ја испита легалноста на процедурата за добивање донација.

– Не останав рамнодушен на идејата на најзадолженото јавно претпријатие ЈП „Македонски шуми“ за набавка на палми во вредност од половина милион евра, а уште повеќе на тоа како локалните самоуправи ќе ги одржуваат во живот и на чија сметка ќе падне тоа –  вели Стеваноски.

На официјалната веб-страница на Општина Прилеп е објавен спектаклот со засадување на стеблата, а директорот на ЈП „Македонски шуми“ го потврди фактот дека тоа е донација дадена на Општината.

Според Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, постапката за донирање содржи јасно утврдени правила според кои се врши донацијата.

Имено, во согласност со членот 4, став 1 од Законот за донации и спонзорства во јавните дејности, „давателот и примателот на донацијата и спонзорството склучуваат договор во писмена форма, согласно со Законот за облигационите односи“.

Во членот 19, став 1, пак, точките од 1 до 5 од истиот Закон велат дека „давателот и примателот на донацијата и спонзорството се должни да изготват извештај за дадената и за добиената донација и спонзорство кој треба да ги содржи следниве податоци: 1. име и назив на давателот и на примателот; 2. име и назив на крајниот корисник; 3. опис на предметот на донација и на спонзорството кој овозможува нивно идентификување со назначување на количеството, вредноста и на другите негови особености; 4. крајна употреба на предметот на донацијата и спонзорството и 5. други податоци“.

– Со оглед на тоа, законот бара постоење на јавен интерес, кој треба да биде потврден со решение од овластен орган, во случајот Министерството за правда, во согласност со членот 19 од Законот за донации и спонзорства во јавните дејности. Се заинтересирав за тоа како и со кое образложение е утврдено постоењето на јавен интерес да се засадат палмови стебла токму во Прилеп, како и тоа на чиј трошок ќе оди нивното одржување, па во согласност со Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, се обратив со барање за информации до локалната самоуправа на Прилеп, со кое побарав да ми биде доставен заклучокот за објавување на одлуката за прифаќање на донацијата на Општина Прилеп од ЈП „Македонски шуми“, договорот за донација склучен помеѓу давателот на донацијата ЈП „Македонски шуми“ и примателот на донацијата Општина Прилеп, извештајот за дадената и за примената донација, барањето за потврдување јавен интерес, поднесено од давателот на донацијата, ЈП „Македонски шуми“, до Министерството за правда, мислењето на надлежните органи на Општина Прилеп во врска со поднесеното барање за потврдување јавен интерес, поднесено од давателот на донацијата ЈП „Македонски шуми“, решението на Министерството за правда на РМ донесено врз основа на поднесеното барање за потврдување јавен интерес, како и целокупната придружна документација во врска со донацијата. Одговорите кои ги добив од Општина Прилеп беа запрепастувачко кратки. Бев известен дека Општина Прилеп не е имател и не располага со бараната информација, а во прилог на таквото известување од директорот на ЈКП „Комуналец Прилеп“ добив придружно писмо, со кое е утврдено дека за одржување на насадите, во согласност со програмата за одржување и за користење паркови, зеленило, парк-шуми и рекреативни површини за 2015 година, ќе се користат финансиски средства наменети во истата програма – вели Стеваноски.

Тој вели дека воопшто не е испочитуван Законот за донации и спонзорства во јавните дејности и дека за 20-тината палмови стебла, особено во зимскиот период, ќе бидат потребни енормно високи средства од буџетот на Општината, кој се полни токму од џебот на граѓаните.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...