Доколку САД ги исцрпат дипломатските опции за да ја убедат Северна Кореја да ја запре нуклеарната програма, тогаш најверојатно работите во свои раце ќе ги преземе Пентагон, вели амбасадорката на САД во Обединетите нации, Ники Хејли, за „Си-ен-ен“.

– Ние сакавме да бидеме одговорни и да ги искористиме сите дипломатски средства за да го привлечеме нивното внимание. Ако тоа не успее, тогаш генералот Џејмс Матис (министер за одбрана на САД) ќе ги преземе работите во свои раце – вели Хејли.

Таа предупредува дека војна би значело уништување на Северна Кореја.

– Ако Северна Кореја продолжи со своето несовесно однесување и ако САД треба да се бранат себе и своите сојузници на секој начин, Северна Кореја ќе биде уништена. Сите го знаеме тоа, но никој од нас не го посакува – вели амбасадорката.

Советот за безбедност на ОН во понеделникот оваа недела усвои нов пакет санкции за Северна Кореја како одговор на шестиот и најголем нуклеарен тест на Пјонгјанг.

Американскиот претседател Доналд Трамп санкциите ги нарече „уште еден мал чекор“. Хејли вели дека тие се значајни, но се близу до границите на тоа што САД можат да го постигнат преку ОН.

– Исцрпевме речиси сè што Советот за безбедност засега може да направи – вели Хејли.