fbpx

ДИК повеќе од шест часа пребројуваше 38.000 гласови

-

Повеќе од шест часа ѝ беа потребни на Државната изборна комисија (ДИК) да ги информира граѓаните за резултатот од изборите на 20 август за избор на градоначалници на Маврово и Ростуше, Центар Жупа и изборите на општински советници во Тетово. Новинарите нагласуваат дека тоа се одразува на квалитетот на нивната работа и навременото информирање на граѓаните, пишува Порталб.мк.

На денот на изборите на 20 август гласале вкупно 38.481 лице од вкупно 101.174 пријавени. Сепак и покрај малиот број гласачи, ДИК ги објави првичните резултати по повеќе од 6 часа.

Медиумите и граѓаните беа принудени да се информираат од политичките партии, кои неизбалансирано ги објавуваа резултатите, додека ДИК сѐ уште немаше официјални податоци. Исто така, и покрај немањето информации од ДИК, партиите прогласуваа победи или ги прифаќаа поразите.

Според главниот уредник на Мета.мк, Горан Ризаов, необјавувањето на резултатите навреме може да ја наруши довербата на граѓаните во институциите на системот.

„Одржувањето фер, транспарентни и демократски избори е врвниот чин на демократијата во секоја нормална земја. Со овој чин директно се изразува волјата на граѓаните и изборните резултати мора да бидат објавени навремено и транспарентно. Државната изборна комисија и партиските претставници кои ја сочинуваат не смеат да дозволат одложување или злоупотреба на процесот на објавување на податоците, бидејќи тоа ја нарушува довербата на граѓаните во институциите на системот. Дополнителен проблем е што ДИК не ги објавува конечните резултати од изборите како отворени податоци во машински читлив формат. Ценам дека тоа е минимумот што треба да се направи“, вели Ризаов.

Новинарите кои известувале од терен на денот на изборите се жалат дека ваквото доцнење влијае на квалитетот на нивната работа и навременото информирање на граѓаните.

„Моравме да чекаме над 6 часа ДИК да ги објави резултатите. Принудени сме наместо официјални да користиме партиски и неофицијални извори. ДИК треба да биде поефикасна, особено во време кога цела држава е насочена кон нив, а не на пример на изборите на 20 август за 38.000 гласа да чекаат толку долго. Ова директно влијае на квалитетот на нашата работа како новинари и на информирањео на граѓаните“, вели Сенат Зилбеари, новинар на ТВ21.

„Помеѓу многуте притисоци во работниот процес на новинарот за време на изборниот ден, проблем сам по себе е не навремено објавување на конечните изборни резултати, што нé спречи да ја информираме јавноста за истото. Со оглед на тоа што тој ден имаше избори само во три општини, ДИК мораше да ги објави резултатите многу порано од вообичаено, кога има избори на национално ниво. Но, тоа повторно не важи бидејќи практиката на земјите од регионот покажува дека и тогаш тоа се прави. Затоа, со ваквиот начин на работа ДИК има многу голем минус и тие треба да ја разгледаат што поскоро оваа работа“, вели Фисник Џелили, новинар на Порталб.мк.

Од ДИК велат дека првичните резултати ги објавиле согласно Изборниот законик.

„Согласно член 135 од Изборниот законик, Државната изборна комисија првичните резултати добиени по електронски средства ги објавува како пристигнуваат, а резултатите врз основа на податоците од записниците од локалните изборни комисии, поточно Изборната комисија на град Скопје во рок од 12 часа по завршувањето на изборите“, велат од ДИК за Порталб.мк.

Само за илустрација, на последните општински избори во Косово, како што пренесуваат медиумите за 1 час и 40 минути се преброени гласовите на 34 од вкупно 38 општини. Косово има вкупно над 1,8 милиони гласачи, а на споменатите избори одѕивот беше 43 отсто.

ИзворПорталб

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...