fbpx

Почина последниот советски лидер Михаил Горбачов, кој стави крај на Студената војна

-

Во Централната клиничка болница во Москва на 91-годишна возраст синоќа почина последниот лидер на СССР, Михаил Горбачов, јавуваат светските медиуми. Горбачов на мирен начин стави крај на Студената војна во светот, не употреби сила при распадот на комунистичките режими во Средна и Источна Европа во 1989 година, откако претходно проба, но не успеа да го реформира советското општество преку „Гласност“ и „Перестројка“.

Весникот „Гардијан“ во освртот за Горбачов пишува дека тој беше прославен како спасител кој им ја овозможи слободата на милиони советски граѓани и ја доби Нобеловата награда за мир во 1990 година. Често пати дома беше обвинуван за хаотичните години кои следеа по распадот на Советскиот Сојуз, а преживеа и доволно долго за да може да види како Русија се враќа во автократија под власта на Владимир Путин.

Горбачев постана генерален секретар на Комунистичката партија на СССР во 1985 година, кога имаше само 53 години. Политико пишува дека донесе нов пристап во раководењето со домашната и меѓународната политика по вознемирувачкото наследство на претходните тврдокорни советски лидери.

Американскиот претседател Џо Бајден по повод смртта на Горбачов изјави дека тој беше човек со „извонредна визија“ и дека го почитуваат затоа што ја водел својата земја на патот кон реформите.

„Тоа беа чинови на редок лидер – оној со имагинација да види дека е можна поинаква иднина и храброст да ја ризикува целата своја кариера за да ја постигне“, рече Бајден во изјавата. „Резултатот беше побезбеден свет и поголема слобода за милиони луѓе“.

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш го опиша Горбачов како неуморен застапник за мир.

Портпаролот на Владимир Путин, со кого самиот Горбачов рече дека имале затегнати односи, изјави дека лидерот на Кремљ изразил „длабоко сочувство“ за неговата смрт и ќе испрати телеграма до неговото семејство утрово. Горбачов ќе биде погребан на московските гробишта Новодевичи покрај неговата сопруга Раиса.

Политико анализира дека историчарите и политичарите и во следните децении ќе дебатираат во колкава мера промените коишто ги направи Горбачов беа наметнати врз него од бранот на промени во светот, како и од лидерите Лех Валенса, папата Јован Павле Втори и американскиот претседател Роналд Реган.

Сепак, несомнено е дека Михаил Горбачов покажа подготвеност да прифати поинакво советско општество и светски поредок, дури и по цена на моќта и престижот на неговата нација, пишува Политико.

„Изборот на Горбачов беше веројатно најреволуционерниот чин во историјата на партијата од 1917 година“, напиша историчарот Орландо Фигес во „Револуционерна Русија 1891-1991“. „Да знаеше Политбирото каде ќе ја води партијата во следните неколку години, никогаш немаше да му дозволи да стане нејзин генерален секретар“, додава тој.

Хенри Кисинџер, кој беше државен секретар на САД за време на претседателот Ричард Никсон, по повод смртта на Горбачов за програмата „Њузнајт“ на Би-Би-Си дека изјави дека тој ќе биде „запаметен во историјата како човек кој започна историски трансформации кои беа во корист на човештвото и на рускиот народ“.

Џејмс Бејкер, кој преговараше за повторно обединување на Германија со владата на Горбачов, изјави за весникот Њујорк Тајмс рече дека „историјата ќе го памети Михаил Горбачов како џин кој ја насочил својата голема нација кон демократијата“.

Михаил Горбачов покрај напуштањето на Брежњевата доктрина за интервенција во земјите-членки на Источниот блок во Европа, во 1988 година го објави повлекувањето на советските војници од Авганистан. Две години претходно, во 1986 година Горбачов се сретна со американскиот претседател Роналд Реган за да разговараат за намалување на нуклеарното оружје во Европа. Една година подоцна САД и СССР и го потпишаа Договорот за нуклеарните ракети од среден домет.

Во август 1991 година, група ултра-конзервативци од советскиот естаблишмент ја презедоа власта со државен удар во СССР додека Михаил Горбачов беше на одмор на Крим. Нивното владеење траеше само три дена. Сепак, последниот советски лидер многу брзо беше принуден да ја напушти функцијата од Борис Елцин, новоизбраниот претседател на Руската Федерација. Горбачов остана на функцијата до крајот на 1991 година, претседавајќи со брзиот распад на Советскиот Сојуз, бидејќи советските републики, вклучително и Украина, гласаа за независност. Михаил Горбачов ја напушти политичката сцена на 27 декември 1991 година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...