fbpx

АНАЛИЗА: Даночна реформа со нови давачки за хонорарците

-

Со најавената даночна реформа, таргетирани се неколку даночни позиции – данок на доход, данок на добивка, ДДВ, воведување на зелен данок, пишува Порталб.

Едно од решенијата што ќе предизвика бурни реакции е новиот концепт на оданочување на хонорарците, вработените на договор на дело. Еве кои се ставовите на експертите за ова решение.

Оданочување на хонорарците

Во однос на плаќањето придонеси за хонорарно ангажираните лица, според постоечката регулатива и сега се плаќа персонален данок во висина од 10 отсто, но со нацрт-даночниот концепт се предлага плаќање на пензиски и здравствени придонеси на хонорарите, што ќе биде нов трошок.

„И овој пат најголема бура ќе предизвика планираното пресметување на социјални придонеси на хонорарите, односно надоместоците по основ на договор на дело. Ваквата мерка најмногу ќе ги погоди буџетските корисници кои имаат и најголем број на ангажирани лица по договор на дело. Сепак ‘погодувањето’ се однесува на трансфер на средства од буџетот во буџетите на соодветните фондови кои и така се дотираат со средства од буџетот. Во овој контекст потребно е да се изврши разграничување на ангажираните лица кои веќе имаат засновано работен однос, од оние кои немаат засновано работен однос и не се социјално осигурани“, вели даночниот експерт Павле Гацов.

Според економистот Арбен Халили постои опасност од состојба на двојно оданочување, односно две различни фирми да плаќаат социјални придонеси за исто лице кое е ангажирано хонорарно.

„Лично сум против двојното оданочување, односно плаќање на здравствени придонеси и за хонорарци, за лица ангажирани со договор за дело, поради две причини: ако едно лице е веќе вработено и си плаќа придонеси на работното место каде што е ангажирано, истиот нема ама баш никаква потреба дополнително да си плаќа придонеси и на некој ад-хок ангажман“, вели Халили и посочува на уште еден проблем со кој ќе се соочат компаниите

„Има компании кои што имат потреба за нови вработувања. Повеќе од коректно е на лица кои се ангажират прв пат да им се понуди догово за дело на месец или три месеци, со цел да се види дали лицето ангажирано ќе се прилагоди на новото работно место или пак дали работодавачот ќе биде задоволен од неговиот ангажман. За тој временски период плаќањето на персоналниот данок сметам дека е повеќе од задолжителен, но не гледам потреба за плаќање на другите придонеси. Секако дека е во интерес на работниците да се вреднува секој ден и секој час како стаж, но ако веќе зборуваме за тоа, тогаш ајде да почнеме од самата држава. Колку луѓе се ангажирани по различни државни институции со договор за дело, а за кои не се плаќат никакви придонеси? Колку луѓе се ангажирани во сите општини со договор за дело, кои што работат со години, не се плаќаат никакви придонеси и со првата смена на власт ќе ги сменат?“, вели Халили.

При петходните обиди за оданочување на хонорарците имаше жестоки реакции

Според универзитетскиот професор Семи Бислими треба да се внимава кога се зборува за давачките за хонорарно ангажираните работници – да се прави разлика дали тие се невработени или вработени.

„Воведувањето на мерката за плаќање на социјални придонеси за хонорарците сметам дека е добра мерка, од причина што голем број од нив немаат никакво социјално осигурување. Негативните импликации од ваквата мерка е тоа што домашните компании ќе бидат изложени на дополнителни издатоци, и тоа во услови кога истите се соочуваат со зголемени цени на сите фактори за производство. Нашите компании немаат способност да ги амортизираат ценовните шокови, со зголемено производство на единица време (факторска продуктивност) од причина што, ниското ниво на инвестиции создаде т.н. временска дистанца во примената на нови знаења и технологии“, вели Беслими.

И досега имаше обиди за „оданочување“ на лицата ангажирани хонорарно, со договор на дело, но рекциите во јавноста беа жестоки а предупредувањата беа во насока дека овој модел наместо да ги зголеми буџетски приливи и да обезбеди социјална сигурност само ќе ја стимулира „работата на црно“.

Во следното продолжение „Порталб“ ќе анализира што ќе донесе најавената реформа за економијата – дали ќе се сведе само на собирање буџетски приходи и кој е ставот на бизнисот за најавениот концепт.

ИзворПорталб

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...