Претседателот на Собранието Талат Џафери и генералниот секретар Цветанка Иванова денеска се сретнаа со амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли, на која присуствуваше и новата директорка на канцеларијата на УСАИД за Македонија, Гречен Биркл.

На средбата се дискутирало за досегашната соработка помеѓу Собранието и Американската организација за меѓународен развој (УСАИД), како што се проектите реализирани преку Националниот демократски институт (НДИ), кои ја поддржуваат работата на Собранието преку програми кои се финансирани од оваа организација – соопштија од службата за информирање.

Претседателот Џафери изразил задоволство и благодарност за досегашната соработка и поддршка и нагласил дека Собранието е отворено за понатамошна соработка со нашите стратешки партнери.

Соговорниците се согласиле дека има резултати од досегашната соработка и заклучиле дека постои взаемен интерес, волја и простор оваа соработка да се продолжи и унапредува и во иднина.