Средно училиште „Јосип Брзо Тито“ | Фото: Архива на Мета.мк

Министерството за образование и наука (МОН) ги отфрли како невистинити информациите дека на внатрепартиските избори кои се одржаа во неделата, а на кои се бираше претседател на Социјалдемократскиот сојуз, гласањето се одвивало во училиштата.

Станува збор за груба, намерна манипулација и дезинформација, велат од МОН.

„Не се гласало во ниту едно училиште на територијата на Република Северна Македонија“, додаваат оттаму потенцирајќи дека Министерството за образование и наука работи согласно закон.

„Со Законот за основно образование, во основните училишта се забранува партиско и верско организирање и дејствување, како и истакнување на партиски и верски обележја. Оваа Влада и Министерството за образование и наука ги користат училиштата за дејноста за којашто се наменети – за спроведување на воспитно-образовниот процес“м велат од МОН.

Тие апелираат до политичките партии да не го инволвираат образованието во дневните агенди.