Дезинформации се шират за средношколски прирачник од 2011 година, во Струмица ќе има и собир

Имајќи ја предвид брзината со која се шират сензационалистички и лажни вести на социјалните мрежи, од БРО повторно апелираат до граѓаните, а особено до родителите и младите да ги земат со голема доза на претпазливост и да ги проверуваат сите информации што се споделуваат  во врска со образованието на младите, а коишто не се официјално потврдени од надлежните институции

Фото колаж: Работните листови од БРО и вести од Тајм.мк

Откако утрово на социјалните мрежи почна со молскавична брзина да се споделуваат постови за Работните листови за учениците од средните училишта за Образование за животни вештини, Бирото за развој на образованието (БРО) објави демант. Споделените дезинформации веќе предизвикаа најави за „информативен собир“ во Струмица од извесен Родителски фронт, кој ќе се одржи денеска.

„БРО најостро ги демантира дезинформациите во јавноста за наводно постоење и употреба на учебник којшто го користат учениците во средното образование за реализација на програмата Образование за животни вештиниИмено, се работи за изготвен прирачник за наставници врз основа на наставна програма. Наставната програма е донесена од министерот за образование и наука, а Прирачникот е одобрен од директорот на Бирото за развој на образование и министерот за образование и наука во 2011 година“, се вели во соопштението на Бирото за развој на образованието.

Според БРО, наставната програма не е задолжителна, односно наставниците во средните училишта имаат слобода да изберат кои содржини, а соодветно на тоа и кои работни листови ќе ги реализираат, како и во кој период од учебната година, со цел да одговорат на потребите на адолесцентите.

„Наставната програма за Образование за животни вештини не се однесува на наставен предмет, туку може да се реализира на часот на класната заедница со учениците од прва до четврта година во сите видови средно образование (гимназиско образование, уметничко образование и средно стручно образование). Во програмите за средно образование (од прва до четврта година), во темата Здраво живеење има разработено содржини, цели и активности кои се однесуваат на сексуалното здравје“, велат од БРО.

Оттаму најавија дека со оглед на тоа дека Прирачникот (како и работните листови) и наставната програма за образование за животни вештини се изработени пред една деценија, истите ќе бидат предмет на ревизија во наредниот период кога се планира реформа на средното образование согласно нов Закон за средно образование.

Имајќи ја предвид брзината со која се шират сензационалистички и лажни вести на социјалните мрежи, од БРО повторно апелираат до граѓаните, а особено до родителите и младите да ги земат со голема доза на претпазливост и да ги проверуваат сите информации што се споделуваат во врска со образованието на младите, а коишто не се официјално потврдени од надлежните институции.

Во меѓувреме, БРО ги тргна Работните листови од веб-страницата и тие повеќе не се достапни на јавноста. Сепак, многу од медиумите денеска ја искористија жешката дискусија од Фејсбук да ја пренесат како релевантна со наслови како „ПРОМОЦИЈА НА ХОМОСЕКСУАЛНОСТ: Бурни реакции кај родителите поради учебник за животни вештини за средношколци“ДАЛИ Е МОЖНО ВАШАТА ХЕТЕРОСЕКСУАЛНОСТ ДА Е САМО ФАЗА КОЈА ЌЕ ЈА НАДМИНЕТЕ? – Учебниците повторно шокираат“ и слични, кои на агрегаторот за вести Тајм.мк создадоа посебен кластер.

Фото: Принкрин Тајм.мк

По лиферуваните дезинформации, попладнево со соопштение излезе и извесно здружение на граѓани „Родителски фронт“ од Струмица, кое за попладнево најави информативен собир во овој град, за како што велат „спорниот учебник“. Тие бараат да се спречи „ова општествено зло да влезе во образовните курукулуми во основните и средните училишта“.

Евентуална злоупотреба на работните листови за средношколци изработени пред повеќе од една деценија може да се огледа и од реакциите на политичките партии.

Претседателката на Комисијата за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска денеска побара одговорност од Министерството за образование и наука за случајот со работните листови, која на Фејсбук напиша дека станува збор за неписменост и незнаење и дека за работните листови треба да има основ и за одговорност.

Пратеничката од владејачкото мнозинство, Санела Шкријељ пак ги демантираше пласираните дезинформации, појаснувајќи дека прирачникот за седмо до деветто одделение кој укажува како да се учат децата за различни сексуални ориентации е издаден во 2009 година, додека тој што се споделува за средно образование е од 2011 година.

1 КОМЕНТАР

  1. […] Дванaесет години подоцна, односно денеска, овој прирачник стана главна тема со жестоки реакции на социјалните мрежи, а во Струмица „Родителски фронт“ организира информативен собир, против, како што велат, родовата идеологија во наставните содржини во основното и средното образование. Нејасно останува како овие работни листови се актуелизираа токму сега, и покрај објаснувањата и демантот од Бирото за развој на образо… […]

Comments are closed.