Депонијата меѓу населбите Шуто Оризари и Визбегово гори веќе две седмици и вчера повторно огнот и чадот се засилија. Додека жителите не гледаат спас и не знаат што да прават со своите деца за да ги спасат од вдишување на чадот, градоначалникот на општина Шуто Оризари, Курто Дудуш, вели дека на 8 Март треба да се слави, а не да се посветуваме на проблеми, пишува „Порталб“.

Депонијата се чисти со намера да се премести веќе 10 дена, но до крајот останува уште многу работа. Дудуш на прашањето од „Порталб“ зошто не употреби повеќе булдожери, рекол дека нема пари за тоа оти жителите не плаќаат даноци и комуналии на Општина Шуто Оризари.

-Ќе Ве молам, денеска е 8 Март и верувам дека треба овој ден да празнуваме. За десет дена го исчистивме најголемиот дел од депонијата. Булдожерот е приватен и општината го плаќа – вели Дудуш, кој ветува дека за две седмици депонијата комплетно ќе биде исчистена.