Денес во Скопје организирана уметничката акција „Допри ме“ посветена на Ембла

Фото: Никола Писарев

Денес, во утринските часови во центарот на Скопје беше спроведена уметничката акција „Допри ме“ посветена на малечката Ембла Адеми.

Фото: Никола Писарев

Поттикнати од последователните настани поврзани со ученичката во четврто одделение во ОУ „Башкими“ во Гостивар која не го започна второто полугодие со учениците од својата паралелека поради негодувањето и протестите на другите родителите за „агресивноста“ на 11 годишното девојче со Даунов Синдром да не биде во ист клас со нивните деца, неколку активисти денес се собраа во центарот на Скопје кои на своите тела носеа натписи „И јас имам Даунов синдром, те молам допри ме“.

Целта на ваквата акција е можноста за директен контакт со граѓаните што ќе  придонесе кон зголемување на толеранцијата кон различните.

„Ние сме само неколку активисти и уметници во склоп на Центарот за современи уметности кои решивме да спроведеме ваква акција со цел да ја сензибилираме јавноста за овој проблем“, велат организаторите на акцијата за Мета.мк.

Акцијата ја започнале околу осум часот утринава на локации во центарот на Скопје, на плошадот и улицата „Македонија“ и на влезот и излезот од Градскиот Трговски Центар.

Фото: Никола Писарев

„Според она што самите го изброивме во периодот од тие неколку часа, увидовме дека е навистина поразувачки тоа што граѓаните, односно поголемиот дел од нив воопшто не се свртеа ниту да нѐ погледнат. Од околу 3.000 минувачи кои поминаа во непосредна близина на активистите само поразувачки 3% или нешто помалку од 100 луѓе остварија контакт, односно ги допреа активистите“, соопштуваат од организацијата.

Во периодот што следи најавуваат уште вакви акции и во другите градови во Македонија, со цел, како што велат дека ќе се поттикне свеста на општеството и за стотиците други деца и возрасни кои секојдневно се соочуваат со слични ситуации.