Од 1 јануари 100 евра казна за возачка дозвола со „Република Македонија“

Возачките дозволи со старото име на државата „Република Македонија“, нема да важат после 31 декември 2024 година

-

Прекршочен платен налог и парична казна во износ од 100 евра ќе добие возачот кој при барање на полициски службеник, нема да приложи важечка возачка дозвола, предвдува Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Возачките дозволи со старото име на државата „Република Македонија“, нема да важат после 31.12.2024 година, па затоа Министерството за внатрешни работи (МВР) деновиве апелира истите да се заменат со нови, односно називот кој ќе стои на нив да биде „Република Северна Македонија“.

„Министерството за внатрешни работи, откако преку низа активности успеа да ги анулира сите можни затекнати проблеми со промената на личните документи и процесите да ги доведе во нормала (согласно законските норми), започна со кампања во врска со возачките дозволи со апели, известувања и информирања на граѓаните, замената да ја извршат до пролонгираниот рок 31.12.2024 година. Шалтерите на управните служби функционираат во полн капацитет и можат да ги услужат граѓаните да ги заменат своите возачки дозволи во редовниот рок без никакво доцнење и гужви“, велат за Мета.мк од МВР.

Согласно член 317 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, кога управува со моторно возило, возачот е должен кај себе да има важечка возачка дозвола и возачка книшка кои е должен да ги покаже на барање на полициски службеник. Ако нема важечка дозвола, ќе треба да плати казна од 100 евра во денарска противвредност.

Во февруари годинава, Мета.мк пишуваше за проблемот со хаосот кој се создаде при издавање лични документи и патни исправи бидејќи стотици граѓани се обидуваа пред истекот на рокот од 12 февруари да закажат термини за фотографирање. Едвај наоѓаа термини за закажување поради големата навала. Во тој период не работеа ниту телефонските линии за закажување на термин бидејќи беа пребукирани. Тогаш реагираше и Хелсиншкиот комитет за човекови права од каде што оценија дека институциите на државата се однесуваат крајно понижувачки кон своите граѓани и тоа не само заради целиот хаос околу вадењето на документите, туку и во однос на прекршувањето на уставните права на граѓаните поради што бараа надлежните институции во најбрз можен рок да изнајдат соодветни решенија и да ја амортизираат штетата што им ја предизвикуваат на граѓаните.

Суета и политика – власта заборава каква била во опозиција

Премиерот Мицкоски е сигурно во право кога апелира до опозицијата на отстранување на суетите во политиката при носење јавни оценки за политиките на власта, но е недоследен во својот...