На затворањето на меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“ на 24 септември ќе се промовираат и публикациите „Прекарно за почетници“ и „Острови на сродство: Колективен прирачник за инклузивни и одржливи уметнички институции“.
„Прекарно за почетници“ ги разгледува работничките права на независните уметници и културните работници, како и напорите за подобрување на нивните услови. Таа ги истражува овие прашања во поширок контекст на културните политики на земјата, кои ги обликуваат севкупните работни услови во вонинституционалниот културен сектор. Уредници на брошурата се Виолета Качакова и Ивана Васева, лектурата и преводот се на Невенка Николиќ, графичкиот дизајн и илустрациите се на Немања Трајковиќ, а продукцијата на „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ).
Другата публикација, „Острови на сродство“, е резултат на двегодишна соработка во рамките на платформата „Острови на сродство“ (Islands of Kinship), која поврзува шест визуелни уметнички институции од различни региони во Европа (Прага, Братислава, Битола/Скопје, Келн, Хелсинки, Рига).
„Во ‘Острови на сродство’ група куратори, уметници и експерти, вклучени во нивните организации како координатори за инклузија и одржливост, размислуваат за социјалната и еколошката одговорност во уметничката и институционалната практика од теоретски, политички и практични перспективи“, велат организаторите.
Меѓународната изложба „Нема време за работа. Нема време ослободено од работа.“ вклучува десетина уметници од европската и балканската уметничка сцена. Таа е во рамки на „19. АКТО фестивал за современи уметности“.