ДЕБАТА: Експертите ги објаснуваат правните проблеми за поставување и користење видео-надзор

Игор Кузевски, експерт за заштита на лични податоци, нагласи дека често луѓето поставуваат и користат камери без да бидат добро информирани за своите права и за правата на луѓето што сакаат да ги надзираат

Фото: Порталб.мк

Фондацијата „Метаморфозис“ во соработка со Здружението „Конект“, вчера во Скопје организираше јавна дискусија „Сè што сакавте да знаете за видео-надзорот“. Меѓу другото, на дискусијата се разговараше околу тоа што им е дозволено, а што не на луѓето кои сакаат да постават камери за видео-надзор. Дополнително, се отвори и дискусија за тоа како може да се направи автоматска идентификација на лицата при видео-надзор со употреба на вештачка интелигенција, пишува Порталб.мк.

Мила Јосифовска Даниловска од Фондацијата „Метаморфозис“ рече дека целта на настанот е да се разјаснат дилемите за тоа колку користењето на системите за надзор може да навлегува во правата на поединците и дали треба да се преземат мерки за да се осигураме дека снимките ќе се користат само заради безбедносни прашања.

Игор Кузевски, експерт за заштита на лични податоци, нагласи дека често луѓето поставуваат и користат камери без да бидат добро информирани за своите права и за правата на луѓето што сакаат да ги надзираат. Дополнително, тој истакна дека овие одлуки често ги носат набрзина, поставуваат камери за случаи за кои има многу поедноставни и полесни решенија. 

„Да речеме дека има камера во дворот на зградата каде што живеете и таа снима сè, секоја тепачка, секоја караница, секој пијан, значи сè. Повторно пијаниот ќе се однесува како пијан без разлика на камерата… Или имате систем за откривање регистарски таблички, но навечер не може да ја идентификува ни марката на автомобилот… Треба да размислите пред да поставите камери за тоа дали навистина ви требаат камери или вашиот проблем може да се реши на друг начин што е помалку инвазивен“, рече тој. 

За оние случаи каде што надзорот со камера е најдобро решение, Кузевски истакна дека најголем дел од проблемите што следуваат ги предизвикува личноста, а не системот на камера.

„Лицето седи пред екранот и го интересира кој влегува, кој излегува, кој дошол подоцна, кој излегол да пуши цигара. Тој вели: ‘Ааа, го фатив Игор како пуши цигара на работа… ќе го пријавам’… Луѓето што се под надзор тогаш стануваат нервозни“, рече тој. 

Кузевски објасни дека идеално системот со надзорни камери треба да биде автоматски, значи не да стои некој пред екранот, туку системот автоматски да снима и да ги избриши снимките кога се постари од 30 дена. Никој не ги гледа тие видеа освен кога има случај, а и во овие ситуации не се земаат снимките од целиот ден, туку само оние 2-3 часа кога се сомнева дека настанала случката. 

Според Кузевски, ако се врши поставување камери во зградата, тоа може да се направи само со одобрение од најмалку 70 отсто од сите жители на зградата и само во просторите што се во сопственост. Односно, камерата не смее да го сними патот пред зградата, што е сопственост на државата, или делови од други имоти, или да има толку висока резолуција што може да се види внатре преку прозорците на просториите на таа зграда или кое било друго живеалиште. 

Исто така, иако некое лице има право да врши надзор над своите приватни имоти, треба да биде внимателно да ги информира луѓето што се под надзор. На група луѓе што доаѓаат на вечера кај вас дома, треба да им се каже дека се под надзор, бебиситерка не може тајно да се снима, па дури и работник не може да се снима надвор од просториите каде што биле известени дека има камери. Има многу случаи што се проблематични пред законот, така што оние што поставуваат камера внатре во својот објект, треба добро да се консултираат со правни лица. 

Експертот за вештачка интелигенција Стојанчо Туџарски објасни дека технологијата за препознавање лице со вештачка интелигенција (ВИ) мора прво да се поврзе со база на податоци каде што се снимаат фотографии на поединци. Системот потоа за време на снимањето го истражува лицето на поединецот и го проверува во базата на податоци дали е „некој познат“, за потоа да потврди која е личноста, дали претходно е идентификувана итн. 

Туџарски објасни како функционира истражувањето и идентификацијата на лицето, велејќи: „Компјутерските графички алгоритми детектираат лице како слика – карактеристика, а потоа ги истакнуваат специфичните карактеристики, какви што се обликот на очите, носот, устата и растојанијата меѓу нив. Овој процес резултира со создавање модел, кој ќе може да идентификува поединец“. 

Но, тој зборуваше и за слабостите на таквиот систем, кои се последица на тоа што оваа технологија сè уште е во фаза на развој и повремено може да прави грешки.

„Пред извесно време можев да го отворам телефонот на брат ми со моето лице, денес тоа се случува многу ретко“, рече тој, кој по прашањата од присутните појасни дека тоа се случува затоа што системот е многу зависен од податоците – основните фотографии што се снимаат во базата на податоци.

„Во САД има случај кога систем обучен главно на бели луѓе имал проблем успешно да ги идентификува и да ги разликува луѓето од други раси. Кога системот обучен со луѓе од една група се тестира на луѓе од друга група, на пример раса, националност или маргинализирана група, потребно е време додека не се приспособи“, вели Туџарски. 

Туџарски додаде дека иако многу стари проблеми се решени, има и други што се појавуваат, но главно има напредок.

Во текот на разговорот со присутните, Туџарски објасни дека еден систем за вештачка интелигенција може да се обучи да идентификува лице со само една негова фотографија, но колку е фотографијата постара, толку попроблематичен ќе биде процесот на идентификација. Меѓутоа, доколку во базата на податоци се регистрирани неколку актуелни фотографии заедно со некои други постари, процесот на идентификација станува многу попрецизен. 

Јавната дискусија „Сè што сакате да знаете за видеонадзорот“ беше организирана во рамките на проектот „Техничка и интегрирана заштита на личните податоци – градење инклузивен дигитален екосистем“ на Фондацијата „Метаморфозис“.