Скопската градоначалничка Данела Арсовска синоќа во интервју за ТВ 21 потврди дека е во процес на формирање на политичка партија која ќе учествува на изборите во мај годинава. Таа не сакаше да дава повеќе детали во однос на тоа кој би членувал во нејзината партија и кој би бил претседател на истата.
„Сè додека се прават работи за задоволување на индивидуалните потреби на некои од политичарите, на некои од оваа корумпирана политичка елита, кај нас напредок нема да има. И ако можам јас сама, како индивидуалец, да покажам дека може поинаку, верувам дека со сите луѓе што ме поддржуваат, а голема е бројката на тие граѓани, дека ќе може да покажам повеќе“, вели Арсовска.
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираа по вчерашната изјава на Арсовска дека ќе формира политичка партија со која ќе учествува на изборите.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски денеска истакна дека Арсовска треба прво да сработи нешто за скопјани наместо да се надева на потписи од ДУИ и СДС.
„Прво Данела Арсовска нека сработи нешто за скопјани наместо да се надева на потписи од ДУИ и СДСМ за формирање на партија“ нагласи Стоилковски.