Ислами: Во книгите гледам неприкосновена вредност

Во „Летна лектира“ Фатон Ислами, графички дизајнер и блогер, го открива неговиот избор за читање за време на летната сезона

Илустрација: Мета.мк

Во ова динамично и брзо време на живеење, кога дури и одморот претставува „замор“ преку гледање во екраните на телефоните, Мета.мк со цел повторно да ја разгори љубовта кон книгите и желбата за дегустирање нови содржини кај читателската публика, преку викенд-серијал текстови разговара со јавни личности од секоја општествена сфера за нивните омилени книги за време на летниот период, во кој впрочем се наоѓа и најмногу време за читање.

Овојпат разговараме со Фатон Ислами, графички дизајнер и блогер кој ни открива дека за оваа година завршил со одморите и бил осум дена во Ксамил, Албанија. За жал, вели тој, како и сите останати, и тој е еден од оние кои го држат телефонот во раце, но сепак неговата работа е тесно поврзана со телефонот, па од него и се бара такво нешто.

„Сепак, книгите се оние што нè воспитувале и учеле низ илјадници години, па гледам во нив неприкосновена вредност“, вели Фатон за Мета.мк.

Тој открива дека во последно време книгите што ги чита се претежно поврзани со професијата. Како дизајнер, неговите три омилени книги се следните:

„Укради како уметник“ и „Покажи ја својата работа“ од Остин Клеон, бидејќи зборуваат за отворање на креативноста и помагаат во обработката на креативните идеи. Како уметник, сите тие идеи што се вртат во мојата глава треба да се канализираат и да произлезе нешто продуктивно од нив, па овие две книги ми помогнаа во тој поглед.

Третата книга што ја предлагам, повторно како дизајнер, би била „The Scope Problem“ од Брајан Кристијан, која се состои од неколку интервјуа со тимови и експерти кои доведоа до развој на вештачка интелигенција.

„Проблемот не е да го држиме телефонот во раце, туку што правиме со телефонот во раце. Сепак, и покрај тоа, мислам дека книгата е најдобриот начин за учење бидејќи кога читате книга немате странични одвлекувања, тоа е искуство само по себе. Со читање книга, вашиот мозок станува поактивен и влегува во светот за кој читате – нешто што телефонот и екранот не го обезбедуваат“, вели тој за Мета.мк.

Пишува: Афије Шерифи