Пожарот кој пред неколку дена избувна во близина на Богданци сè уште не е ставен под контрола, информираат во Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Во овој момент нема активно горење на пожарот кај Богданци, чад има на повеќе места и пожарот сè уште не е ставен под контрола. Пожарникарите од Гевгелија, Валандово, Кавадарци и Штип, заедно со тим од Дирекцијата за заштита и спасување, Национални Шуми и јавното комунално претпријатие од Богданци, се обидуваат да го заобиколат пожарот од сите страни за да го изгаснат“, информираа утрово во ЦУК.
На терен се вкупно околу 65 лица како и градоначалникот на Богданци, Блаже Шапов. Во ЦУК велат дека ако во подоцнежните часови дојде до разгорување на пожарот, на располагање се три Ер трактори на Дирекцијата за заштита и спасување како и два полициски хеликоптери со кои ќе се гаси пожарот.