Четврти конкурс за годишната стрип награда „ЛИФТ“ на Темплум

Извор: Темплум, илустрацијата е извадок од стрипот на Евгенија Трајковска, награден во 2020 година

Издавачката куќа Темплум годинава по четврти пат го распишува конкурсот за наградата „Лифт“, за македонски стрип. Право да конкурираат за наградата имаат сите граѓани на Република Северна Македонија кои ќе испратат сопствени досега необјавувани авторски стрипови, од една или две страници до максимум до 16 табли (или страници).

„Лифт“, инаку, беше име на списанието за стрип кое излегуваше од 1996 до 2001 година, а денес е име и на угледна графичка едиција. Наградниот фонд изнесува 500 евра, но во книги и стрипови. Фондот со свои изданија го обезбедија Темплум и Бункер. Предвидени се три награди: од 250, 150 и 100 евра.

Најдобро оцененетите автор(к)и за таа сума ќе добијат изданија, по сопствен избор, на книгоиздателството „Темплум“ и на издавачот на стрипови „Бункер“. Организаторот вели дека ќе се потрудат да организираат изложба и објава во публикација на најдобро оценетите дела.

„Целта на наградата е да ги промовира и афирмира овдешните стрип автор(к)и, но и да го унапредува стрипот како (кај нас запоставен) медиум. Втора важна цел е да придонесеме за развојот на македонската културна сцена и во поширока смисла, промовирајќи нови креативни актери, нови културни настани, поинакви пристапи и стилови на полето на културата – со што сакаме да придонесеме за плурализацијата и шаренилото на овдешниот недоволно развиен културен простор“, велат од Темплум.

Проектот е поддржан од Град Скопје.