fbpx

Британија и Грција во спор за враќањето на старогрчки споменици

На грчкиот премиер му беше понудено средба со вицепремиерот на Британија, откако британскиот премиер Риши Сунак откажа средба со него по интервју со Мицотакис во недела во кое тој го потврди долгогодишниот став на Грција дека треба да се вратат т.н. „елгиновите мермери“ во Грција

-

Долгогодишниот конфликт меѓу Грција и Британија околу враќањето на „елгиновите мермери“, кои во 19-от век биле земени од Партенонот од британскиот дипломат Лорд Елгин и однесени во Британскиот музеј во Лондон, повторно предизвика дипломатски тензии, известува Би-би-си.

Image by PublicDomainPictures from Pixabay

Во последен момент, Британија ја откажа закажаната средба меѓу премиерот Риши Сунак и грчкиот премиер Киријакос Мицотакис. Откажувањето е последица на неделното гостување на Мицотакис на Би-би-си, каде тој одговори на прашање од новинарка, која хумористично го праша каде мисли дека „поубаво“ би изгледале елгиновите мермери.

„Не е прашање на сопствеништво, ова е прашање на повторно соединување. Каде може најдобро да се цени нешто, што е во суштина еден голем споменик? Замислете да Ви кажев да ја исечеме „Мона Лиза“ на половина и да ставиме едната половина во Лувр, а другата во Британскиот музеј. Дали мислите дека така би можеле да ја цените убавината на „Мона Лиза“? Мислам дека е иста ситуацијата со Партенонот“, мирно одговори грчкиот премиер на новинарското прашање во недела.

Само неколку часа пред да требало Сунак и Мицотакис да се сретнат, средбата била откажана од британската влада.

Потоа, на Мицотакис му било понудено да се сретне со вицепремиерот на Велика Британија Оливер Дауден, но Мицотакис ја одбил понудата. Се очекува Мицотакис денес да се врати во Грција.

Од Британија велат оти им било кажано дека Мицотакис ќе ја избегнува темата на елгиновите мермери за време на неговата посета во Британија, а грчки извор за Би-би-си вели дека не дале такво ветување.

„Грција и Британија долги години имаат пријателски односи. Опсегот на нашите билатерални односи е обемен. Нашите ставови за скулптурите од Партенонот се добро познати. Очекував да се вклучам во дискусија со мојот британски колега за ова прашање, како и да се осврнам на значајните глобални предизвици како што се ситуациите во Газа и Украина, климатската криза, и миграцијата“, изјави Мицотакис, кратко по откажувањето на средбата.

Министер во Грција вели дека денес претставува лош ден за британско-грчките односи. Министерот за труд и социјала во Грција, пак, изјави дека ставот на Мицотакис не е ставот на само еден грчки граѓанин, туку ставот на 11 милиони луѓе во државата.

Главната пречка за соработка од британската страна претставува Закокнот за Британскиот музеј од 1963 година, кој забранува кој било експонат во музејот да биде изнесен од него.

Британската опозиција „Лејбор“ ја опиша реакцијата на Сунак како „патетична“, а претседателот на „Лејбор“ Киер Стармер вчера се сретна со Мицотакис. Опозициската партија се отворени на привремено позајмување на спомениците, што не подразбира промена на законот.

Всушност, станува збор за неколку скулптури и фризови, односно декоративни елементи на фасадата, кои биле земени од Партенонот од дипломатот Лорд Елгин на почетокот на 19-от век. Тој тврдел дека имал дозвола од отоманската империја да го стори тоа и оти спомениците би биле на подобро место во Британија во споредба со Партенонот, за кој отоманската влада наводно не се грижел доволно. Тој потоа ги продал спомениците на Британскиот музеј во Лондон.

Преместувањето на овие споменици било контроверзно уште тогаш. Елгин бил на судење за тоа дали легално биле преземени спомениците, а Лорд Бајрон, познат хеленофил, напишал песна во која го критикувал Елгин. Сепак, тогаш било утврдено дека легално биле внесени спомениците и генерално биле славна атракција.

Грција уште од 1835 година бара да се вратат спомениците, а од 2000 до 2009 година го гради Музејот Акропол, кој цели да ги претстави скулптурите и фризовите на Партенонот како што биле оригинално поставени. Оставени се празни места за спомениците кој се сместени во Британскиот музеј.

Фото: Tomisti, CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...