Фото: Исечок од рецензираниот пост

Во оваа објава е злоупотребен брендот „Рамстор“ и со лажно ветување за награда се мамат корисниците на Фејсбук да оставаат свои лични податоци кои подоцна може да бидат злоупотребени. Фејсбук страницата од која се споделува оваа измама е со назив Рамстор Македонија испишано со латиничен фонт и има мал број на следбеници, нешто повеќе од 300 лица. Официјалната страница на „Рамстор“ на Фејсбук, сподели известување до корисниците дека станува збор за лажен профил и лажно доделување на подароци, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Рецензираме пост објавен на социјалната мрежа Фејсбук, во кој се злоупотребува името, логото и брендот на трговскиот центар и маркет „Рамстор“, со цел да се прибават лични податоци на корисниците на социјалната мрежа со лажно ветување за награда. Поради тоа што корисниците поверувале дека официјален ,,Рамстор” е организатор на наградната игра, тие во огромен обем ја споделуваат објавата, го споделуваат постот во различни Фејсбук групи и ги следат „инструкциите за награда“ на неименуваниот администратор на групата, поради што објавата во моментот на нашата рецензија има достигнато исклучителна виралност од над 1.600 споделувања, 1.200 коментари и над 600 допаѓања. Во постот се вели:

„Здраво на сите, среќни сме да објавиме дека ќе испратиме специјална торба за подарок на сите кои ќе споделат и напишат „Готово“ пред 28 септември!! Регистрирајте се и добијте код за подарок тука“ – (објавен е линк преку кој се собираат лични податоци на корисниците и затоа нема да го објавиме н,з)

Во склоп на постот споделени се и фотографии од торби со наводните подароци кои се преземени од интернет страници од странство, а таму се споделувани во различни контексти и се разбира ниеден не е поврзан со „Рамстор“..

Откако ќе се пристапи (кликне) на линкот приложен во постот што го рецензираме,  а што е услов за добивање на наводната награда, се отвора прозорче кое дезинформира дека се наоѓате на „официјалната страница на Рамстор“, бидејќи судејќи по адресата тоа не е вистина. Оттаму корисниците на социјалните мрежи кои ќе наседнат на лажната наградна игра, се упатуваат да се регистрираат, да кликнат на страниците на Алибаба, да го регистрираат нивниот мобилен број и мејл адреса и да преземат некаква апликација за спонзорство на „Рамстор“, па дури и да испратат СМС порака за потврда на телефонскиот број 14400. Лагата продолжува до степен што им се кажува на корисниците дека по комплетирањето на регистрацијата ќе добијат ваучер од 5 илјади денари кој ќе може да го користат во продавниците на Рамстор. Се разбира ова не е вистина..

Дополнително, во коментарите под објавата, администраторот на лажната наградна игра, ги упатува корисниците на Фејсбук да ја шират неговата невистина, со тоа што  на секого поединечно им кажува, дека „главниот услов за победа е да ја споделат оваа објава на 5-7 групи на Фејсбук“.

Така постот има достигнато поголем број на луѓе. Фејсбук страницата од која се споделува оваа измама, има назив Рамстор Македонија (со латиничен фонт) и многу елементи укажуваат на тоа дека не е официјалната страница на маркетот и трговскиот центар. Прво, страницата има мал број на следбеници, нешто над 300 лица . Освен постот за лажната наградна игра, на оваа страница има само уште една друга објава и ништо друго. Направен е обид да се направи измамата поуверлива на начин што е поставен телефонски број и адреса.

Официјалната страница на „Рамстор“ на Фејсбук, сподели известување до корисниците дека станува збор за лажна наградна игра.

„Почитувани потрошувачи, Ве известуваме дека освен профилот Рамстор Маркети не постои ниту еден друг профил на социјалната мрежа Facebook. Ги замолуваме потрошувачите да немаат никаква интеракција и да не наседнуваат на лажно креирани профили на Рамстор кој нуди подароци и слични награди! Исто така Ви посочуваме да не споделувате лични податоци и други лични информации бидејќи станува збор за лажно информирање на потрошувачите во име на Рамстор. Со почит,
Рамсторе Македонија ДОО“, пишува во објавата на официјален Рамстор.

 

И во друга објава на официјалната страница „Рамстор“ предупредува дека станува збор за лажна наградна игра:

Ги замолуваме потрошувачите да немаат никаква интеракција со долу наведениот профил или пак споделување на податоци, бидејќи не му припаѓа на Рамсторе, станува збор за лажен профил и лажно доделување на подароци.

Поради сите горенаведени факти, постот што го рецензираме го оценуваме како невистинит. Станува збор за злоупотреба на брендот „Рамстор“ со цел на социјалните мрежи со лажно ветување за награда, да се мамат корисниците на Фејсбук да оставаат свои лични податоци кои подоцна може да бидат злоупотребени.