Неколку познати бизнисмени од Македонија, како и вицегувернерката на Народна банка, Маја Кадиевска-Војновиќ, присуствуваа на молитвениот појадок во Вашингтон во организација на новиот американски претседател, Доналд Трамп.

На овој важен светски настан присуствуваа и претседателот на управниот одбор на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, со сопругата Емилија, основачот на фондацијата „Борис Трајковски“, Вилма Трајковска, извршниот директор на истата фондацијата, Роберт Милчев, извршниот директор на „Триглав осигурување“, Ѓорѓе Војновиќ, како и Лазим Дестани, сопственик на компанијата „Еколог“.

Централната церемонија традиционално се одржа во хотелот „Вашингтон Хилтон“, а целта е продлабочување на меѓународните врски и на меѓусебната грижа.

Покрај главниот говор, кој по традиција за време на овој настан го има претседателот на САД, во рамки на активностите поврзани со 65. молитвен појадок, впечатливо обраќање имале и американскиот сенатор од Флорида, Марко Рубио, еминентни сенатори и верски лидери, како и кралот Абдула од Јордан.

На појадокот присуствувале повеќе од 3.000 угледни гости од 140 земји и 50 конгресмени.