Битлси ќе ја издадат својата „последна“ песна благодарание на вештачка интелигенција

Вештачка интелегенција ќе се искористи за да се издвои и „исчисти“ гласот на Џон Ленон од демо снимка која ја снимил во домашни услови во 1970-те години, а останатите Битлси натснимиле други музички елементи

Фото: EMI., Public domain, via Wikimedia Commons

Битлси најавија дека следната недела ќе ја издадат нивната „последна“ песна, „Now and Then“. Песната е базирана на демо снимка која Џон Ленон ја снимил во седумдесеттите години, кусо пред неговата смрт.

Останатите членови на Битлси се обиделе и друг пат да доснимуваат, односно се обидувале потребните инструменти да ги спојат со вокалот на Ленон, но квалитетот на снимката бил незадоволителен. Но, со помош на технологија која користи вештачка интелигенција, овој пат можело гласот на Ленон да се одвои од клавирот за да овозможи полесно усогласување со други ново снимени музички елементи, пренесува Гардијан.

„И ете го, гласот на Џон, кристално чист. Беше доста емотивно да се чуе тоа. И сите свириме на новата песна, станува збор за вистинска песна од Битлси. Во 2023 година сè уште да се работи на музиката на Битлси и да се објави нова песна што јавноста не ја слушнала, мислам дека тоа е возбудлива работа“, изјави Пол Мекартни, пејачот и басистот на Битлси.

Песната била снимена на истата касета насловена „За Пол“, која вдовицата на Ленон Јоко Оно му ја дала на Мекартни во деведесеттите години. На неа се наоѓале и песните „Free as a Bird“ и „Real Love“, кои Мекартни, Ринго Стар и покојниот Џорџ Харисон ги довршиле и издале во деведесеттите години. Тогаш почнале да работат и да доснимуваат музички елементи и за „Now and Then“, но Харисон бил тој кој ставил вето поради несоодветниот квалитет на снимката.

„Немаше многу добар наслов, требаше малку да се преработи, но имаше прекрасна строфа и Џон пееше. Но, на Џорџ не му се допадна. Бидејќи Битлси се демократија, престанавме со работа на песната“, вели Мекартни.

Токму од тие снимки од деведесеттите години ќе се искористат музички елементи кој биле снимени од Харисон, кој почина во 2001 година. Тоа значи дека сите четворица Битлси ќе свират на новата песна.

Технологијата која се користи за одвојување на гласот на Ленон првично била искористена за документарецот за Битлси „Get Back“, режиран од Питер Џексон. Документарецот користи огромен количество на снимки од како тие го снимале албумот „Get Back“, подоцна насловен „Let It Be“. Технологијата исто била искористена за да се издвојат посебните гласови и инструменти на снимката, за да може потоа да се избалансираат и истите за појасно да се чујат.

Истата технологија ја искористи Џајлс Мартин, синот на продуцентот на Битлси Џорџ Мартин, за да направи нов и освежен микс на нивниот легендарен албум „Револвер“ од 1966 година.

Откако фанови се загрижија за тоа што би значело користење на вештачка интелигенција за создавање нова песна од Битлси, Мекартни нагласи дека не се користи вештачката технологија за да се создадат нови елементи или да се рекреира гласот на Ленон, туку само за да се разбистри постоечката снимка.

Ќе се издаде и краток тринаесетминутен документарец, во кој ќе се види процесот на правењето на оваа нова песна.