fbpx

„Бездомните“ животни во Истанбул – хармонија во секојдневниот живот, без напади и изживување

Мачките и кучињата на Истанбул не бегаат од луѓето, бидејќи жителите на најголемиот турски град воопшто не се изживуваат со животните околу нив. А кучиња, и особено мачки, во Истанбул има многу повеќе од она што може да се забележи во Скопје

-

Пеколен летен ден во Истанбул. Бегство од сончевите зраци наоѓаме во најблиското продавниче за вода. За разлика од Македонија, во градот на Босфорот пречекот на муштеријата е изненадувачки. Покрај продавачот, речиси во секое дуќанче има барем по една мачка или куче. Испружени покрај тутунот и наргилето на полиците на киосци, распослани по подот во климатизираните сувенирници, поспани по столиците на ресторани и кафулиња, се чини дека Истанбул нема проблеми со бездомните животни коишто постојано ги мачат македонските градови.

Мачињата и кучињата во Истанбул не бегаат од луѓето, бидејќи жителите на најголемиот турски град воопшто не се изживуваат со животните околу нив. А кучиња, и особено мачки, во Истанбул има многу повеќе од она што може да се забележи во Скопје. Наместо изживување, бездомните животни добиваат храна и вода како од продавачите и угостителите, така и од жителите на станбените згради. И ова е правило, не само во туристичките квартови на Истанбул, туку и низ другите делови на метрополата.

Бездомно куче одмара во сувенирница во туристичкиот кварт Кадикој; Фото: Мета.мк

Всушност, многу е тенка границата меѓу поимите бездомни и вдомени животни во Истанбул. Со дотурот на храна и внимание, непостоењето на желба за бркање, врескање и повредување на животните, жителите на Истанбул изградиле хармонични односи со кучињата и мачките. Поради ова, напади и каснувања на животни кон луѓе не можевме да се забележиме, барем не пред нашите очи.

Бездомни мачки во квартот Фатих; Фото: Мета.мк

Очигледно дека хуманиот однос на жителите на Истанбул кон кучињата и мачките има оставено длабок впечаток и кај бројните посетители на градот кој лежи на Босфорот. Во филмската индустрија, најпрво во 2016 година се појави популарниот документарен филм „Kedi“ за мачките на Истанбул и нивната долговековна коегзистенција со жителите на градот. Четири години подоцна, во филмот „Stray“ беше документиран и животот на кучињата во Истанбул.

Ако ги прашате за мачките и кучињата кои се мотаат околу просториите со муштерии, продавачите во Истанбул се збунети од поставеното прашање. Исклучително блиската интеракција со животните за нив е нормално секојдневие од нивното битисување, па оттука збунувачко е и барањето за одговори по ова прашање.

Мачка како друштво на стол во локално кафуле во квартот Фатих; Фото: Мета.мк

Мало разлистување на светските медиуми е доволно за да се даде објаснување на хармоничниот однос кон (без)домните животни во Истанбул. На пример, „Економист“ во својот напис заклучува дека Турција е само една од муслиманските земји каде мачките се сметаат за ритуално чисти животни. Во хадисот со собраните изреки и постапки на Пророкот Мухамед, има бројни примери за неговата наклонетост кон мачките.

Овие животни во исламскиот свет се сметале и за чувари на библиотеките низ историјата, кои помогнале во заштитата на книгите од глувци и помогнале во заштитата на градовите од чумата која била пренесувана од глувците.

Мачка пред портите на куќа во квартот Фатих; Фото: Мета.мк

Една проценка на Вашингтон пост од 2021 година покажа дека во Истанбул има од 400.000 до 600.000 бездомни кучиња и мачки, кои коегзистираат со граѓаните на овој 15-милионски град. За оваа цел, градската управа на Истанбул има поставено автомати за храна за овие животни на стотици локации низ градот, а врши и нивна стерилизација и операции на повредените кучиња и мачки.

Слично на ситуацијата во Македонија, властите во Истанбул пробале во минатото да извршат истребување на популацијата на кучиња, а најдрастичен е примерот на отстранување на 80.000 кучиња од Истанбул, кои во 1910 година биле раселени на еден од Принцеските острови без храна и вода. Тие умирале болно и во крици со недели на островот, кои се слушале до самото крајбрежје на Истанбул. Сепак, градските власти решиле да стават крај на ваквото справување со бездомните животни.

За разлика од тогаш, денешната состојба со третманот на кучињата и мачките во Истанбул е сосема спротивна. Неколкудневна обиколка низ градот е доволна за да се утврди дека животни може да се возат низ јавниот превоз, да одмораат и во огромните џамии, но и да се придружат на локалните граѓани на некоја од масите во угостителските објекти.

Мачка пред портите на куќа на еден од Принцеските острови; Фото: Мета.мк

Доколку жителите на Скопје и на македонските градови би го следеле примерот на Истанбул во оформувањето на хармонични односи со бездомните животни, тогаш можеби ќе ја надминеме актуелната состојба на каснувања на граѓани од кучиња, масовни труења и пукање по животни и други проблеми со коишто секојдневно се преполни рубриките за црна хроника во македонските медиуми.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Учениците од утре на пролетен распуст

Учениците од основните и средните училишта низ државата од утре, 29 април, ќе бидат на пролетен распуст. Распустот ќе трае 8 дена, а во училишните клупи ќе се вратат...