Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Министерството за внатрешни работи (МВР) и Советот за етика во медиумите (СЕММ), повикаа на свесност за спречување на говорот на омраза во медиумите, особено во предизборниот период.

„Негативните и коментарите од омраза си го наоѓаат патот до онлајн медиумите и брзо се споделуваат и се засилуваат на социјалните мрежи. Традиционалните медиуми често ги повторуваат овие пораки, со што тие допираат до уште поширока публика. Доколку не се адресира, овој тренд станува дел од политичкиот дискурс и често го зафаќа целото општество,“ изјави Клеменс Која, шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје.

Минатата година, под покровителство на Мисијата, владини и невладини организации ја формираа Мрежата против говор на омраза во медиумите.

„Ние ја сметаме Мрежата за важна платформа со капацитет за понатамошни дискусии за тоа како да се промовира транспарентноста и да се охрабрат најдобрите практики за развивање на алтернативни и контра наративи во медиумите. Борбата против говорот на омраза не треба да ја ограничи слободата на изразување или да води кон самоцензура, ниту пак да се користи за замолчување на критиките на политичките опоненти“, додаде Која.

Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев, рече дека цензурата на говорот на омраза во медиумите пред се е задача или обврска на самите медиуми, на нивните уредувачки правила и професионални стандарди.

„Полицијата не може, ниту пак сака, некому да биде уредник и редактор. Она што полицијата може да стори е да ги примени соодветните закони од националната легислатива,“ рече Чулев.

Катарина Синадиновска, претседателка на УО на Советот за етика во медиумите, рече дека многу е значајно да се продолжи со промоција на новинарските стандарди и медиумите да бидат свесни за одговорноста на јавно кажаниот збор.

„Но, залудни би биле сите напори на професионалната новинарска и медиумска заедница доколку нема одговор од институциите кои се надлежни да го санкционираат говорот на омраза. Да не заборавиме дека тука не станува збор само за непочитување на новинарските стандарди, туку и за кривично дело,“ рече Синадиновска.

Марина Тунева, извршната директорка на Советот за етика во медиумите, која ја претстави Повелбата за етичко известување, изјави дека според податоците на Советот за 2019 година, 20 проценти од пресудите се однесуваат на случаи на говор на омраза и поттикнување насилство или дискриминација по различни основи.

„Зачестената присутност на лажните вести, дискриминацијата и говорот на омраза, особено во изборниот период, ја наметнаа потребата на овој феномен да се спротивставиме на систематски и заеднички начин,” рече Тунева.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.