Бесплатни билети за превоз само за учениците од државните училишта, но не и за оние од приватните

Cредношколските билети за бесплатно користење јавен превоз, важат за сите линии (градски и приградски) во период од 05 до 24 часот, односно, единствено не важат за користење на ноќни линии

Фото: ЈСП

Сите ученици во прва година средно образование кои ги исполнуваат условите за бесплатен превоз (ученици во средни училишта чиј основач е град Скопје), ќе ги добијат во матичните училишта билетите за превоз со автобусите на ЈСП, информираат од ЈСП-Скопје. Во соопштението од претпријатието, не е наведено дека билети ќе добијат и учениците од приватните училишта, иако тоа го побараа од Средношколскиот сојуз.

„Всушност, сега на учениците ќе им бидат дадени времени билети, кои во меѓувреме ќе бидат заменети со „Скопска“. Учениците од повисоките одделенија, во случај да имаат потреба од нова персонализирана електронска картичка „Скопска“ (поради изгубена картичка и слично), нова/дупликат можат да обезбедат во кој било центар за персонализација на ЈСП Скопје. Притоа, неопходно е да достават потврда од училиште и да платат еднократен надомест од 200 денари за изработка на картичката“, информираат во претпријатието.

Оттаму потсетуваат дека средношколските билети за бесплатно користење јавен превоз, важат за сите линии (градски и приградски) во период од 05 до 24 часот, односно, единствено не важат за користење на ноќни линии.

Инаку, во јуни годинава Сојузот на средношколци поднесе иницијатива до Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на членот 41 а од Законот за средното образование. Тогашниот претседател Лука Павиќевиќ, рече дека сегашните одредби се косат со членовите 9 и 44 од Уставот, со оглед на тоа што моменталната состојба не ги третира средношколците подеднакво, бидејќи има повеќе категории средношколци кои немаат право на бесплатен и праведен јавен превоз, како на пример средношколците од приватните училишта.