Беќаровски: Читајте книги од кој било жанр, само да бидат преведени на македонски јазик

Во „Летна лектира“ д-р Нико Беќаровски го открива неговиот избор на книги за читање во летната сезона

Илустрација: Мета.мк

Во ова динамично и брзо време на живеење, кога дури и одморот претставува „замор“ преку гледање во екраните на телефоните, Мета.мк со цел повторно да ја разгори љубовта кон книгите и желбата за дегустирање нови содржини кај читателската публика, преку викенд-текстови разговара со јавни личности од секоја општествена сфера за нивните омилени книги за време на летниот период – во кој впрочем се наоѓа и најмногу време за читање.

Овојпат на темата „Летна лектира“ разговараме со проф. д-р Нико Беќаровски од Клиниката за токсикологија кој ни открива дека годишниот одмор ќе го користи во септември, веројатно во Лорет де Мар, Шпанија.

„Како и секоја година неизоставен дел од мојот багаж ќе бидат и книгите. Традиционално секоја година носам две книги, од кои едната е дело од некој од класиците, а втората е некој актуелен бестселер по препорака од библиотекарките од мојата библиотека во населба Јане Сандански“, вели Беќаровски за Мета.мк.

Во прилог се книгите кои тој ги препорачува за читање ова лето:

„Тврдина“ од Меша Селимовиќ – дело кое сум го читал пред четириесетина години и верувам дека новото препрочитување ќе биде исто толку возбудливо

„Стапица“ од исландската писателка Лилја Сигурдардотир

Руската современа драма „Москва не им верува на солзите“

„Папата Јована“

„Искрено препорачувам сите, а посебно помладите генерации да ги искористат летните месеци за читање на белетристика од било кој жанр, само да биде преведена на македонски јазик, бидејќи младите, за жал, не го знаат прекрасниот наш јазик и правопис. А народ кој не си го знае своето најголемо богатство – јазикот, неминовно е осуден на асимилација. Пријатни летни одмори, акумулирајте многу Д-витамин преку вашата кожа, незаборавни моменти во вашите срца и нови хоризонти преку прочитаните книги во вашите мисли“, апелира Беќаровски.