Просечниот надоместок којшто издавачите на платежните картички (банките и другите финансиски институции) лани го наплатиле од трговците претставува 1,20 отсто од вредноста на прометот, покажуваат најновите податоци на Народната банка.

Во 2018 година просечниот надоместок кој го наплатувале издавачите на платежните картички изнесува 1,19 отсто отсто од прометот.

Од аспект на дејноста, највисок надоместок и натаму се наплатува за услугите од „државните институции“ (1,70 отсто) и „електронската трговија“ (1,63 отсто).

Од друга страна, и во 2019 година исто како и во 2018 година, најнизок е надоместокот кај „бензиските станици“ (0,88 отсто), додека другите дејности коишто бележат надоместоци под просечниот надомест (1,20 отсто) во 2019 година се: „фармација“ и „ИТ и бела техника“, двете со по 1,10 отсто и „прехранбени производи“ (1,12 отсто).

„Во споредба со 2018 година, анализата покажува дека дејноста со највисоко зголемување на надоместокот се „игрите на среќа“ (0,11 процентни поени), додека, пак, највисоко намалување на надоместокот е забележано кај дејноста „електронска трговија“ (0,29 процентни поени) и „државни институции“ (0,18 процентни поени).

Од Народната банка информираат дека се забележани мали поместувања кај надоместокот во зависност од големината на прометот на трговецот наплатен со платежна картичка, како и дека и натаму постои голема разлика помеѓу надоместокот за највисокиот и најнискиот промет по вредност.

„Притоа, намалување на надоместоците се забележува речиси кај сите категории, и тоа кај трговците со висок годишен промет од 10 до 50 милиони денари (0,02 процентни поени), понатаму кај трговците со промет над 50 милиони денари (за 0,01 процентни поени) и кај трговците со промет од 1 до 10 милиони денари исто така за 0,01 процентни поени. Пораст кај надоместокот е забележан единствено кај трговците со годишен промет понизок од 1 милион за 0,04 процентни поени“, соопшти Народната банка.

Вкупнaта вредност на трансакции со платежни картички издадени од домашни издавачи на уреди лоцирани во земјата во 2019 година изнесува 200,3 милијарди денари (околу 3,2 милијарди евра) и забележа годишен раст од 7,6 отсто.

„Слично како и кај бројот на остварени трансакции со платежни картички издадени од домашни издавачи на уреди лоцирани во земјата, во 2019 забележуваме силен раст на плаќањата во трговијата од 18,7 отсто. Овој пораст се должи како на растот на плаќањата со картички на интернет од 43 отсто, така и на користењето на картичките на физичките места на продажба коешто порасна за 17,2 отсто“, информираат од Народната банка.

Инаку, издавачи на платежни картички се банките и „Динерс клуб интернационал Мак“ ДООЕЛ Скопје, како финансиско друштво за финансиска активност за издавање и администрирање кредитни картички.