Балканскиот рис со години се бори за опстанок, се наоѓа пред нова опасност

Балканскиот рис долги години се бори за опстанок. Неговата популација во природата е многу мала, поради што се смета за критично загрозен и се наоѓа на глобалната и националната листа на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN)

Фото: Мета.мк

Балканскиот рис долги години се бори за опстанок. Неговата популација во природата е многу мала, поради што се смета за критично загрозен и се наоѓа на глобалната и националната листа на Меѓународната унија за заштита на природата (IUCN). На Балканот, бројката на рисови се проценува дека се движи од 36 до 40 возрасни единки, не сметајќи го подмладокот, чии шанси да порасне се околу 50 отсто.

Рисот повеќе од една деценија е дел од Програмата за закрепнување на балканскиот рис на Македонското еколошко друштво. Се работи за долгогодишен конзервациски проект чија цел е да се обезбеди опстанок на ова загрозено животно преку истражување, мониторинг, заштитени подрачја и социоекономски аспект и е еден од најдолготрајните, континуирани проекти во регионот и пошироко.

Покрај долгогодишните закани со кои се соочува ова диво животно, како што се ограничениот плен, уништувањето на живеалиштата со инфраструктурни проекти и криволовот, последните години една од најголемите закани за опстанокот е размножувањето во сродство (инбридинг).

„Решението за тоа е внесување на нови единки од други популации кои можеби ќе ја нарушат уникатноста на балканскиот рис, но на долг рок ќе допринесат за генетски диверзитет на популацијата што ќе може да се справи со генетските болести со кои се соочува“, рече Диме Меловски, раководител на програмата, на настанот „Балканскиот рис во ЕУ“ што денеска се одржа во Europe House во Скопје.

Според Меловски, најпогоден кандидат за зајакнување е карпатскиот рис со кој, според генетските истражувања, во минатото со балканскиот имал многу контакти преку реката Дунав и со чие мешање нема да се направи штета на уникатноста на балканскиот рис.

„Мислиме дека ова е правецот во кој треба да се движиме. Тоа е консензус што го постигнаа генетичарите минатата година, откако ги испитавме и еколошките аспекти заради внесувањето на нови единки во балканскиот еко систем и нивна адаптација на опкружувањето“, рече Меловски.

Според амбасадорот Дејвид Гир, шеф на делегацијата на Европската Унија, Северна Македонија има богат биодиверзитет, вклучувајќи многу загрозени, ретки и ендемични видови, но дека глобалниот тренд на загуби на биодиверзитетот ја погодува и оваа држава, заради што активностите за заштита и зачувување на природното богатство се од најголема важност.

„Секое дете во земјата знае за балканскиот рис, тоа е национален симбол, не само на богатата разновидност која оваа земја ја има туку и симбол на се она што мора да се заштити од заканите кои се присутни не само на Балканот, туку насекаде во Европа. За жал, балканскиот рис е еден од видовите кој е под закана, заради големината на неговата популација и опасноста од истребување. Загубата на ова животно би бил голем удар што би влијаел на сите заедници“, рече Гир.

Посочи дека еден од главните делови од европскиот Зелен договор е Европската стратегија за биодиверзитет до 2030, која цели да го зголеми бројот на заштитени делови во ЕУ за најмалку 30 отсто и да насочи 20 милијарди евра за поддршка на биодиверзитетот.

Робертина Брајаноска, извршна директорка на Македонското еколошко друштво, рече дека оваа организација постои повеќе од 50 години и има 30 години искуство во областа на конзервација, работи на истражувања и конзервација на значајни ендемски или загрозени видови во земјата, идентификација и воспоставување на заштитени области и програми за едукација.