Бајден: Малку е веројатно проектилот што падна во Полска да е истрелан од Русија

Извор на фотографија: Укринформ

Американскиот претседател Џо Бајден денеска изјави дека мала е веројатноста проектилот што експлодираше на територијата на Полска да е истрелан од Русија, јавува Асошиејтед прес. Русија вчера со ракети повторно ја нападна Украина, но еден проектил заврши во полското село Пржеводов и уби две лица. Полска е земја-членка на НАТО.

„Малку е веројатно во линиите на траекторијата дека е истрелан од Русија, но ќе видиме“, изјави американскиот претседател Бајден.

Новинската агенција Асошиејтед прес цитира тројца американски официјални лица кои велат дека првичните сознанија сугерираат оти проектилот што ја погоди Полска бил истрелан од украинските сили кои се обиделе да пресретнат руска ракета.

Полските власти информираа дека проектилот што ја погодил Полска е од руско производство, а селото каде што загинале двете лица се наоѓа на околу шест километри од границата со Украина. Полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау го повика рускиот амбасадор и „побара веднаш детални објаснувања“, соопшти владата.

Земјите-членки на НАТО денеска ќе одржат итен состанок по барање на Полска за да разговараат за вчерашниот инцидент. Состанокот се одржува врз основа на членот 4 на НАТО, кој укажува дека земјите-членки можат да покренат кое било прашање кога која било членка на НАТО чувствува дека нејзиниот „територијален интегритет, политичка независност или безбедност“ се загрозени.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека немало удари на цели во близина на украинско-полската државна граница со руско оружје. Исто така, украинските власти досега не презедоа вина за истрелувањето на проектилот што падна во Полска.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во синоќешниот говор по масовното ракетирање на Русија врз Украина изјави дека врз неговата земја биле лансирани 90 проектили кои ја оштетиле енергетската инфраструктура, како и деловни објекти и станбени згради. Зеленски додаде дека украинската противвоздушна одбрана успеала да собори повеќе од 70 проектили и 10 борбени беспилотни летала, пренесува Гардијан.

„На Русија и се кажува за мир, но таа истрелува проектили како одговор. Се раскажува за глобалните кризи што ги предизвика Русија, а како одговор лансира ирански беспилотни летала. На неа ѝ се понудени десет точки за да се стави крај на војната, а истрелува по десет проектили на секоја точка за мир“, изјави Зеленски.

Украинските власти тврдат дека над 7 милиони лица се оставени без снабдување со електрична енергија по вчерашниот ракетен напад на Украина врз Русија. Оштетени се 15 енергетски објекти низ целата земја, а без струја се оставени жителите од регионите Лвив и Волин на западот на Украина до Суми и Чернихив на крајниот исток од земјата, јавува Укринформ.

Во рускиот ракетен напад врз Кијив загина еден цивил откако руска ракета заврши во станбен објект во градот, пишува Асошиејтед прес. Пред вчерашниот масивен напад, руските ракети во претходните напади уништиле околу 40 отсто од целокупната украинска енергетска инфраструктура.

Молдавскиот министер за надворешни работи Нику Попеску на Твитер вчера вечер објави дека делови од Молдавија биле оставени без струја поради руските ракети кои ја нападнале Украина и нејзината енергетска инфраструктура.

„Секоја бомба што паѓа врз Украина исто така влијае врз Молдавија и нашите луѓе“, напиша Попеску.

Асошиејтед прес пренесува дека руските ракетни напади го погодиле на украинска територија и стратешкиот далновод што води од Украина кон Молдавија, што доведе до прекин на снабдувањето со струја во делови од Молдавија.